ТЕЖОК ФИНАНСИСКИ УДАР ЗА ГАЗИ БАБА Општината мора да плати над 2 милиони евра за поништени дозволи
Апелациониот суд наложи враќање на 127 милиони денари за поништени одобренија за градба кај поранешниот Скопски саем.
Општина Гази Баба се соочува со сериозен финансиски удар од 127 милиони денари, откако Апелациониот суд во Скопје донесе правосилна пресуда со која општината е задолжена да врати средства за поништени одобренија за градење кај локацијата на поранешниот Скопски саем.
Градоначалникот Бобан Стефковски информира дека проблемот е директна последица на, како што рече, неодговорното работење на претходното раководство во периодот од 2017 до 2021 година.
Според неговото објаснување, повеќе правни лица кои имале важечки одобренија за градба и уредно платиле надомест за уредување на градежно земјиште, на 27 октомври 2020 година поднеле тужба против Општината, откако претходното раководство ги поништило нивните одобренија и издало нови за друго правно лице.
Иако Општината била должна да им ги врати уплатените 73.460.330 денари, тоа не било направено, по што следувала долга судска постапка. Апелациониот суд, со пресуда донесена на 30 октомври 2025 година, наложил враќање на средствата заедно со законска казнена камата, со што вкупниот износ што треба да се исплати достигнал околу 127 милиони денари.
– Оваа пресуда е јасен доказ дека во периодот од 2017 до 2021 година се работело неодговорно, без визија и без почитување на законите. Наместо во 2020 година да се вратат 73 милиони денари, денес општината мора да плати дури 127 милиони – изјави градоначалникот Стефковски.
Тој призна дека станува збор за сериозен товар за општинскиот буџет, но порача дека граѓаните немаат причина за загриженост.
– Со одговорно, домаќинско и транспарентно работење ќе го надминеме овој предизвик и општината ќе продолжи стабилно да функционира во интерес на јавноста – нагласи Стефковски.
Градоначалникот најави дека за целиот случај ќе бидат информирани надлежните институции, со цел да се разгледа можноста за утврдување на одговорност согласно законите.
– Правдата, отчетноста и заштитата на јавниот интерес мора да бидат темел на секое институционално работење – порача Стефковски.