Тетовските пензионери повторно добиваат бесплатни ехо-прегледи

Станува збор за ехо-дијагностички прегледи со цел навремено откривање на болестите на дојките, гуша и сите абдоминални органи - вели д-р Спасеновски.

419

Здружението на пензионери во Тетово во соработка со специјалист радиолог д-р Павле Спасеновски од средината на август ги продолжи бесплатните прегледи со ехо-апарат за дојки и абдоминални органи. Ваквите прегледи започнаа на почетокот на март, но беа прекинати поради пандемијата на коронавирусот.

–Станува збор за ехо-дијагностички прегледи со цел навремено откривање на болестите на дојките, гуша и сите абдоминални органи. Од досегашниот увид кај женската популација, најраспостранети се болестите на дојките, болеста рак на дојка е на прво место кај жените. Кај машката популација најмногу се соочуваат со болести на бубрезите, простата и бешика, нормално согласно со самата возраст, вели д-р Спасеновски, инаку субспецијалист за болести на дојки.






Прегледите е предвидено да се одвиваат од 15 до 31 август, секој вторник и петок, од 9.30 до 13.30 часот.

– По потреба ќе се продолжи и некој ден во септември. Превентивата и честите прегледи се најдобар начин за брзо октривање на ваквите болести кои со соодветен третман даваат можност да се избегнат трагичните последици. Сметам дека тетовските пензионери се дисциплирани и водат навремена грижа за своето здравје – рече д-р Спасеновски.

Тетовското пензионерско здружение има околу 11.500 членови.

Поврзани содржини