ТЕТОВСКИОТ МУФТИЈА ОБВИНУВА ДЕКА ИВЗ НЕЗАКОНСКИ ГО СМЕНИЛА Најави тужби пред надлежните институции
Според образложението на Ќани Несими, тоа се случило на седница на ИВЗ на 8 ноември, а на негово место е поставен вршител на должноста.
Тетовскиот муфтија Ќани Несими обвини дека раководството на Исламската верска заедница (ИВЗ) незаконски го разрешило од функцијата. Според образложението на Несими, тоа се случило на седница на ИВЗ на 8 ноември, а на негово место е поставен вршител на должноста.
– На седницата се прекршени повеќе точки од уставот на ИВЗ. Одлуката за именување на в.д. Муфтија е спротивна на член 30 став 1 од уставот на ИВЗ кој вели: „Неиздавање и повлекување на Мураселе го обврзува муфтиството во рок од 30 дена да предложи можни кандидати за муфтија“. Истата незаконска одлука воедно е спротивна и на член 29 став 1 од Уставот на ИВЗ која гласи: „Во Муфтиствата каде нема кадар според предвидените услови, се именува координатор“ – рече Ќани Несими на прес-конференцијата одржана денеска.
Тој вели дека писмено реагирал до раководството на ИВЗ, оспорувајќи ја одлуката да се постави в.д. муфтија.
– Муфтиството Тетово на 08. ноември годинава писмено испрати едногласен донесен заклучок до Ријасетот и Реисул Улема дека неповикувањето на Муфтијата на ИВЗ – Тетово е директен атак врз самиот основен уставен орган на ИВЗ, и спротивно на член 34 став 1 точка 2 каде е дефинирано членството на Ријасетот, меѓу другите член на Ријасетот со право на глас и на одлучување е и Муфтијата проф. Др. Ќани еф. Несими единствен легитимен претставник на Муфтиството Тетово – истакна Ќани Несими на прес-конференцијата.
Несими најави дека ќе поднесе пријави до надлежните институции.