ТЕТОВСКАТА ГИМНАЗИЈА ДОБИВА НОВ ЛИК Започна реконструкцијата на „Кирил Пејчиновиќ“ со донација од 800.000 евра

Со почетокот на реконструкцијата на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, Тетово добива нов образовен центар финансиран со донација од 800 илјади евра. Владата и општината најавуваат уште поголеми инвестиции во инфраструктурата и образованието.

386

Со почетокот на реконструкцијата на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, еден од најзначајните и најстари образовни објекти во градот конечно ќе добие современи услови за учениците и наставниот кадар. Донацијата вредна околу 800 илјади евра доаѓа од општествено одговорна компанија, што беше потенцирано и на денешниот настан од страна на премиерот Христијан Мицкоски.

– Ова е чин што предизвикува возбуда и задоволство. Од оваа гимназија произлегле многу научници, професори, јавни личности и еден градоначалник. Таа е симбол на образованието во Тетово – рече Мицкоски, изразувајќи благодарност за донацијата и заложбата за подобро образование.






Покрај инвестицијата во гимназијата, истата компанија, како што информираше Мицкоски, донирала и објект во вредност од околу 800 илјади евра во општина Теарце, наменет за канализациски систем што ќе заврши со пречистителна станица. Тоа, според него, покажува дека кога приватниот и јавниот сектор соработуваат, граѓаните се тие што добиваат најмногу.

Премиерот објави и дека Општина Тетово добила вкупно 15 милиони евра од првиот и вториот повик на Министерството за локална самоуправа, од кои 11,5 милиони евра се од последниот повик.

– Тоа не е само асфалт и бетон. Тоа значи повисок квалитет на живот за граѓаните. Ваква поддршка досега не била видена ниту во Тетово, ниту во која било општина во државата – додаде Мицкоски.

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами нагласи дека оваа инвестиција значи многу за генерации ученици кои ќе добијат далеку подобри услови за образование. Како што рече, двата објекта што ја сочинуваат гимназијата се меѓу најстарите образовни зданија во Тетово и претставуваат симбол на традиција и историја на градот.

– Со реконструкцијата, „Кирил Пејчиновиќ“ ќе добие нов лик, а учениците модерна и безбедна околина за учење. Ова не е само обнова на ѕидови, туку обнова на духот на образованието во Тетово – изјави Касами.

Очекувањата се дека по завршувањето на реконструкцијата, гимназијата ќе стане пример за современо образование во регионот.

Поврзани содржини