Тетово бара вода од цистерни, дел од градот трет ден е жеден

211

Населбата Блок 70 е една од најпогодените во Тетово каде во одредени станбени згради трет ден граѓаните воопшто немаат вода поради големите дефекти во мрежата и прекинот во водоснабдувањето поради санација на цевководите.

– Не може да се функционира нормално без вода, некои станови што се од погорните катови од зградите поради немање на хидрофор и цистерна останаа без вода три дена. Потребно е да се донесат цистерни со вода од ЈКП Тетово за да се снабдат луѓето со вода – велат жителите од Блок 70.






Од 8 часот утрово продолжија активностите за отстранување на дефектот во водоводна цевка Ф-300 во паркот кај Шарена џамија за целосно нормализирање на водоснабдувањето по серијата проблеми во мрежата овие три дена поради што речиси целиот град остана без вода за пиење. По неколку часа ископ на местото најдено е местото каде е пукната цевката и започната е процедурата за промена со нова.

– Дојдени сме до дефектот, треба да се промени салонитна цевка во должина од три метри со цевка од друг материјал. Со отстранување на дефектот вчера на цевката Ф-300 на улицата Цветан Димов се нормализира снабдувањето со вода во градот. Проценките се дека во 85 проценти во градот е нормализирано снабдувањето. Сѐ уште нема вода во 15 отсто од градот, тоа се населбите Блок 70 и дел од Пржова Бавча, како и објектите на улиците Браќа Миладинови и Ѓорче Петров. Санирањето на дефектот ќе продолжи во текот на работниот ден – изјави Љуљзим Шаќири, раководител на водотехничка лабораторија при „Водовод и канализација“.

Тетово трет ден се соочува со прекини во водоснабдуавњето откако два дефекта се појавија на Ф-300 водоводни цевки кои се втора категорија по големина значајни за проток на големи количини вода. Во средата и четвртокот околу 90 проценти од градот се соочи со прекин во водоснабдувањето.

Поврзани содржини