ТЕТОВЦИ И КУМАНОВЦИ ВО НЕИЗВЕСНОСТ, КОГА ЛИ ЌЕ ПОЧНАТ ДА ПРИСТИГНУВААТ КАЗНИТЕ? Камерите се поставени, може да стартуваат во секој момент

Опремата веќе е поставена и на Коридорите 8 и 10 и во секој момент се очекува да започне детектирањето на сообраќајните прекршоци - велат од МВР.

201

Сè уште не се знае кога жителите на Тетово и на Куманово ќе почнат да добиваат СМС-пораки или електронско известување за сообраќаен прекршок регистриран со системот „Безбеден град“. Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо потврдуваат дека системот е веќе подготвен и дека неговото активирање во овие два града е прашање на време, но не посочуваат конкретен датум.

– Во моментов системот „Безбеден град“ функционира на територија на град Скопје, а планирано е наскоро да се активира и во Куманово и во Тетово. Опремата веќе е поставена и на Коридорите 8 и 10 и во секој момент се очекува да започне детектирањето на сообраќајните прекршоци – велат од МВР.






Возачите од Тетово и од Куманово, каде камерите се веќе поставени, во почетокот ќе бидат во пробен период, во кој за прекршоците се испраќа само опомена, без парична казна. Од полицијата објаснуваат дека овој тест-период има за цел граѓаните да се навикнат на новиот начин на контрола во сообраќајот, но не прецизираат колку тој период ќе трае во овие два града.

– Во моментов сме во пробен период во кој граѓаните добиваат само опомена за сторениот сообраќаен прекршок. Предвидено е во Скопје од 01.02.2026 година системот целосно да функционира и да се започне со санкционирање на граѓаните кои направиле прекршок детектиран од камерите – додаваат од МВР.

Системот „Безбеден град“ во текот на 2026 година треба да се прошири на целата територија на државата, со што електронското санкционирање ќе стане новата реалност за сите возачи.

Поврзани содржини