Тестирањето за коронавирусот сепак ќе се омасови и кај нас!
Министерот Венко Филипче денеска најави зголемување на бројот на тестирањата. Поинаку и не може да биде, бидејќи тоа е услов за подобро справување со кризата и за намалување на смртните исходи, како што покажува и примерот на Германија. Добра вест е што приватните болници и лаборатории можат да придонесат за значајно омасовување на тестирањата.
Не сум слушнал некој да бара да се тестира за присуство на коронавирусот ако не се сомнева дека е заразен или дека бил во контакт со заразен. Но еве, допуштам да има и такви хировити луѓе. Дури и да има такви што ризикуваат да се ашкаат по клиники за да се тестираат и така да си докажат дека не се заразени, за нив не престануваат да важат мерките за социјално дистанцирање, полицискиот час и сите други препораки што се упатуваат со цел секој себеси да се заштити од вирусот, но истовремено да ги заштити и другите.
Министерот Венко Филипче, за кого се уште мислам дека добро се носи со предизвикот пред кој е исправен, на денешната прес-конференција кратко полемизираше со непостоечка теза. Тој рече дека ако се тестираат луѓе кои не се суспектни или немаат симптоми, може да се добие лажна слика (негативни резултати), после што тие луѓе би можеле да се опуштат и да бидат недисциплинирани. Но, никој не вели дека треба да се тестираат такви луѓе и целото население. Јас такво нешто немам ни напишано, а ни прочитано. Многу пооснована е претпоставката дека денес секој разумен човек бара начини како да не појде на лекар или во клиника, зашто се плаши дека токму таму ќе се зарази. Сите ние правиме стратегии како да контактираме со нашите лекари по телефон (има и други болести од кои патиме, не е само Ковид-19), па дури се плашиме и во аптека да влеземе кога ни е потребно да набавиме лекови. А за неразумните, нели, постојат мерки, прописи и казни. Некаде прочитав и ваков коментар: „Ма не се тестирам, има да ширам!“. Ако ова не е некоја несолена шега, на авторот се знае кај му е местото.
Време е за добар план
Но, во ред, го разбирам Филипче. Тој денеска конечно најави две важни работи, со што се приклони кон стратегијата за масовно тестирање, согласно со денес важечките, или утре некои нови „правила на игра“, што секако ги дефинираат здравствените власти. Нему му е важно да се држиме до тие правила, до алгоритмот, кој го спречува притисокот кон лабораториите. Тоа е разбирливо.
Најважно е што министерот обзнани дека тестирањата ќе се зголемат. Ќе ги има многу повеќе од сега. Тоа е пресвртот. Иако, на секој поинформиран му е јасно дека сите државни и приватни лаборатории што прават молекурални тестови, ама баш сите да се впрегнат заедно (а ќе се впрегнат, оти нема друго чаре), нема да бидат доволни во услови на пораст на заразата, каков што се очекува. Не е проблемот во алгоритмот, проблемот е што нашите капацитети се ограничени. Не велам дека е лоша востановената пракса матичниот лекар да закажува тестирање за секој ссомнителен пациент, но ако имате мака и ако ви речат дека првиот слободен термин за тестирање е за 24 или за 48 часа, вие ќе бидете принудени да барате чаре. Раната дијагниоза е клуч и за спречување на ширење на заразата и за успешен третман на болеста.
Затоа Филипче најави дека ќе се оствари соработка со приватните клиники и лаборатории и на тој начин дополнително ќе се омасови тестирањето. Впрочем, таквата соработка и сега постои, сите позитивни резултати утврдени од тестирањата во приватните клиники се проверуваат во молекуларните лаборатории. Мислам дека министерот и приватните клиники уште во текот на утрешниот ден ќе направат уште подобар план, што ќе придонесе за значајно и ефикасно омасовување на тестирањето во Македонија.
Од тоа нема бегање. Како што нема бегање од фактот дека и брзите серумски тестови, кои се користат во многу земји во светот паралелно со молекуларните тестови, значително помагаат во утврдувањето на фактичката состојба на теренот и за рано откривање на заразените. Тоа го покажуваат примерите на Јужна Кореја, Јапонија, а еве сега читаме и за искуствата на Германија, каде што релативно малата смртност се објаснува имено како придобивка од масовното тестирање. Тоа го потврдуваат и одлуките на нашите соседи Бугарија и Србија да ги сменат стратегиите и да почнат со масовни тестирања.
Вака или онака, со вакви или онакви аргументи, тези и оправдувања, Македонија ги омасовува тестирањата и мислам дека допрва ќе ја иновира својата стратегија. Простор за подготовки ни дава фактот што кај нас бројот на заболени засега не расте експоненцијално, како што кажа Филипче, што секако е одлична вест. И тој простор треба паметно да се искористи, за да се набават што повеќе тестови, од сите видови. Јас сум убеден дека здравствените власти ја сфаќаат одговорноста и неопходноста тоа да се стори. Не смее да ни се случи еден ден да сфатиме дека имаме висока „темна бројка“ на заразени.
Ако се сомневаш, не чекај, тестирај се!
Сакам да укажам и на други аргументи во прилог на апелот за омасовување на тестирањата, апел кој не е мој, туку на Светската здравствена организација. Два од првите шест смртни случаи кај нас се поврзани токму со проблеми при тестирањето. Во случајот на починатата кумановка, се докажа дека додека била жива, два направени молекуларни теста биле негативни (?), додека позитивен бил дури третиот молекурален тест, направен откако таа починала. Тука нешто сериозно не е во ред и тој случај мора дополнително да се истражи. Починатата стружанка, пак, со сериозни симптоми била оставена да чека два дена за тестирање, а резултатот стасал дури третиот ден. За тоа не е виновен алгоритмот, туку недоволните капацитети. Кај човечкиот фактор треба да се бара вината зошто пациентката не била примена во болница на време, додека чекала на резултатите од тестирањето, позитивна или негативна сеедно.
Многу интересно е и сведоштвото на првиот битолски пациент, кој јавно, на Фејсбук, ги повика граѓаните што се сомневаат дека се заразени да се тестираат и да се сомневаат ако тестовите бидат негативни, а симптомите продолжат. Таков бил неговиот случај. Првиот тест бил негативен (молекуларен тест, претпоставувам), но упорниот битолчанец, инаку медицинско лице, уште еднаш се тестирал во клиниката „Жан Митрев“ и добил позитивен резултат. Овој случај е директна потврда на фактот дека проблемот на непостоење стопроцентна сигурност дури и кај молекуларните тестови може да се надмине со повторно и повторно тестирање. Затоа СЗО вели – тестирај, тестирај, тестирај!
Кога размислуваме за причините за релативно високата смртност кај нас (наспроти релативно нискиот број случаи), треба да ја имаме предвид и изјавата на еден водечки германски вирусолог. „Причината зошто ние во Германија имаме така мал број на смртни случаи во однос на бројот на заразените е поради фактот што обработуваме голема количина на лабораториски тестови“, вели Кристијан Дростен, главен виролог во берлинската болница „Карите“. Појасно од ова, здравје!
Германија, држава со над 80 милиони жители, врши околу 500.000 тестирања неделно. Според овој стандард, кај нас би требало да се прават 12.500 тестови неделно, или близу 1.800 тестови дневно. За жал, нашите капацитети во овој момент се многукратно помали. Кога станува збор за тестирање со неспорно најпрецизните молекурални тестови, ние не зборуваме само за број на набавени тестови, туку и за добро опремени лаборатории и за квалитетно обучен персонал. Во таа смисла, можноста да се зголемат нашите капацитети за такви тестирања се ограничени. Затоа вклучувањето на т.н. брзи тестови во стратегијата на дијагностицирање (со сите нивни предности и недостатоци), по примерот на други земји за кои веќе пишувавме, се наложува како потреба на денот.
Приватните клиники и лаборатории можат да бидат од помош
Среќа во несреќа е што приватните клинички болници и лаборатории во Македонија веќе вршат тестирања и тие, во координација со јавното здравство, можат битно да ги засилат нашите државни капацитети за тестирање. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ денеска објави дека веќе располага со 50.000 серумски тестови произведени во Холандија, кои покажуваат дали пациентот е инфициран и веројатно заразен од вирусот Ковид-19 и дали ја прележал болеста и стекнал имунитет. Сигурен сум дека и Клиничката болница „Жан Митрев“ има на располагање доволен број тестови и дека може уште да обезбеди. Не треба да се потценат и капацитетите на други приватни лаборатории во Македонија. Тоа е добра основа за омасовување на тестирањата, што мора и сигурно ќе се искористи. Бидејќи ова прашање не е за на панаѓур на суети, туку прашање за кое треба одговорните и стручни медицински лица, на чело со Филипче, да даваат брзи одговори и да планираат ефикасни стратегии. Нема разумна причина тоа да не се прави.
Збор-два и за многуте обвинувања за „профитерство“ во приватните клинички установи, па и во јавното здравство, како и за мојата наводна поддршка за „профитерите“. Моите сознанија се дека ни Орце Камчев ни Жан Митрев не профитираат од услугите што ги пружаат, во поддршка на напорите на јавното здравство да се справи со заразата. Исто така, убеден сум дека министерот Филипче тоа го знае. Да, зборувам за Филипче, кого јавно го повикав да наредува и да не прифаќа оправдувања од типот „немаме тендер, немаме пари“. Ниту еден македонски политичар од мене досега не добил ваква поддршка што значи комплетно одврзани раце. Затоа што ситуацијата е вонредна и затоа што командата сега мора да биде во рацете на Филипче. А кога ќе падне командата, се знае војничкото правило – изврши, па жали се!
Сосема на крајот, што се однесува до мојата ролја во сево ова, одговорно го тврдам следново: правото на јавноста да ги добие потребните информации ми е на прво место и друг мој личен интерес, надвор од професионалниот, едноставно не постои! За разлика од Министерство за здравство и Фондот за здравство, кои имаат склучено договори со двете приватни клинички болници и со други приватни субјекти за пружање здравствени услуги за државни пари (како што и треба, впрочем), јас такви договори не склучувам, бидејќи не сум во позиција тоа да го правам, па не можам да се надевам и на парче од „колачот“, нели. А ниту сум бил и ниту ќе бидам ангажиран во медиум кој учествувал или ќе учествува во криминални активности за извлекување лични бенефити од тие легални, легитимни и општествено полезни договори на државата со приватниот здравствен сектор. Кога ќе заврши оваа битка со вирусот монструм, кога ќе оздравиме и ќе се радуваме на победата (дај боже сите да го дочекаме тој ден живи и здрави), дури тогаш пак ќе ги отвориме тефтерите и ќе зборуваме за минатите, а можеби и за некои сегашни профитери.