„ТЕСЛА“ И КИНЕЗИТЕ НА КОЛЕНА ПРЕД „ТОЈОТА“? Нема појако од електрично возило со досег од 1200 километри и батерија што се полни за 10 минути
Новата технологија на јапонскиот гигант отвора врата кон револуција во електричната мобилност – но и кон лавина од прашања за тоа кога ќе стане достапна.
„Тојота“ ја подигна температурата во автомобилската индустрија со најавата за сосема нова солид-стејт батерија, која, според компанијата, ќе овозможи досег до 1200 километри со само едно полнење и враќање на полната енергија за околу 10 минути. Ова, ако стане реалност, би било историски пресврт – нешто што производителите на електрични возила со години го посакуваат, а купувачите го очекуваат со нетрпение.
„Тојота“ има амбициозен партнер
Веста, која веќе се пренесува како „бомбастична“, доаѓа во момент кога глобалниот пазар на електрични возила бележи и раст и отпор. Голем досег и драматично скратено време на полнење се ветувања што звучат како совршена формула, но индустријата добро знае дека помеѓу лабораторија и салон за продажба има долг и тежок пат.
Во реализацијата на овој план, „Тојота“ не е сама. Јапонската компанија „Идемицу Косан“ веќе ја гради индустриската подлога за производство на клучниот материјал, литиум-сулфид, кој се користи во солид-електролитите. Погонот ќе биде изграден во Чиба, Јапонија и се очекува да почне со работа до јуни 2027 година. Со капацитет за материјали доволни за 50 до 60 илјади батерии годишно и инвестиција од над 140 милиони долари, ова е чекор што покажува дека визијата на „Тојота“ има сериозна логистичка поддршка.
„Идемицу“ планира и пилот-постројка уште до крајот на фискалната 2025 година, со цел да го намали трошокот на производството до ниво споредливо со класичните литиум-јон батерии. Ако тоа се оствари, комерцијализацијата би можела да стане реалност многу побрзо отколку што скептиците предвидуваат.
„Светиот грал“ во светот на електромобилноста
Солид-стејт батериите одамна се сметаат за „светиот грал” во светот на електромобилноста. Тие носат поголема енергетска густина, што значи подолг досег, далеку побрзо полнење и значително поголема безбедност, бидејќи нема течности кои можат да предизвикаат пожар. Покрај тоа, долговечноста на овие батерии е поголема – повеќе циклуси на полнење без значителна загуба на капацитет.
Но, колку и да звучи примамливо, масовното производство и ценовната одржливост се и понатаму најголемите предизвици. Како што предупредуваат дел од експертите, автомобилската индустрија веќе има горко искуство со технологии кои на хартија изгледале револуционерно, но во пракса се соочиле со непремостливи проблеми во производството.
Дали и ова ќе остане само на бомбастични наслови?
На интернет-форумите посветени на автомобилизмот, реакциите се мешани. „Тојота никогаш не покажа прототип. Ова е стопроцентна магла“, вели еден коментатор. Друг е уште поироничен: „Нема значење колку се добри батериите ако чини два милиони долари да се стави во автомобил“. Овие забелешки ја одразуваат растечката скепса – дека ваквите најави честопати остануваат само во насловите, без јасна траекторија кон пазарот.
„Тојота“, од своја страна, инсистира дека не станува збор за празни зборови. Компанијата вложува години во развој на солид-стејт технологијата и тврди дека моменталната фаза на тестирање е клучен чекор пред првите возила да излезат на патиштата.
И покрај тоа, набљудувачите потсетуваат дека ова не е прв пат „Тојота“, а и други производители – да ветуваат „револуција за четири до пет години“. Овие рокови, речиси магично, постојано се поместуваат, оставајќи впечаток дека големата промена секогаш е зад аголот, но никогаш пред нас.
Ништо без функционални прототипи
Тука се поставува и прашањето на транспарентноста. Ако „Тојота“ навистина е блиску до решението, велат аналитичарите, тогаш треба да покаже функционални прототипи, детални спецификации и резултати од реални тестови. Без тоа, ветувањата ќе продолжат да бидат сфаќани како маркетинг, а не како најава на вистинска технолошка промена.
Во моментот, приказната за батеријата од 1200 километри и полнење за десет минути останува меѓу надеж и реалност. Инфраструктурната поддршка почнува да се оформува, а визијата на „Тојота“ е јасна. Но, од лабораторија до улица – патот е долг, а секој чекор е под будното око на индустријата и на јавноста.
Доколку успее, оваа технологија ќе значи пресвртница во начинот на кој гледаме на електричните возила – и ќе ги натера и најголемите скептици да поверуваат дека иднината конечно пристигнала.