ТЕШКО Е, НО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ СЕ НЕОПХОДНИ Американската амбасадорка се јави од Гостивар
Знам дека е тешко, но треба да се усвојат уставните измени што знам дека не е баш омилен и популарен чекор, но е неопходен за чекор напред. Пратениците треба да гласаат за уставните промени, за државата да може да се придвижи напред со дискусиите и процесот за интеграција и пристапување кон ЕУ. Според мене, тоа е клучно, бидејќи таму лежи успешната иднина на оваа земја, рече Агелер, одговорајќи на прашања на панел дискусијата „Ајде да зборуваме за предизвиците и иднината на Северна Македонија" што се одржа во Центарот за млади во заедницата (YCC).
Амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер денеска од Гостивар порача дека уставните измени треба да се усвојат за земјава да се придвижи напред.
Според неа, пратениците треба да гласаат за да има напредок.
– Знам дека е тешко, но треба да се усвојат уставните измени што знам дека не е баш омилен и популарен чекор, но е неопходен за чекор напред. Пратениците треба да гласаат за уставните промени, за државата да може да се придвижи напред со дискусиите и процесот за интеграција и пристапување кон ЕУ. Според мене, тоа е клучно, бидејќи таму лежи успешната иднина на оваа земја – рече Агелер, одговорајќи на прашања на панел дискусијата „Ајде да зборуваме за предизвиците и иднината на Северна Македонија” што се одржа во Центарот за млади во заедницата (YCC).
Амбасадорката нагласи дека е запозната со партиски ставови на пратениците, дека тие имаат гласачи и дека тие се одговорни кон нив, но смета дека „ова е во најдобар интерес на Северна Македонија” и на тоа мисли кога ја спомнува „тешката одлука”.
– И затоа, засега тоа е предизвик, верувам дека ако се донесе таа одлука и дека пратениците треба да гласаат за да може да има напредок – истакна Агелер откако еден од учесниците на панелот во врска со македонските евроинтеграции, праша на кои „тешки одлуки” мисли амбасадорката кога посочува дека треба да ги донесат нашите политичари.
Таа подвлече дека тешката одлука сега е да се направи потребниот избор за земјава да се придвижи кон ЕУ.
Агелер, одговорајќи на прашања во врска со црните листи кои ги најавува САД за лица од Македонија, рече дека санкциите, без разлика дали се работи за политичари или за бизнисмени, можат да бидат многу ефективни и охрабрувачки.
Според амбасадорката, санкциите носат чувство на одговорност и последици.
– Сфативме дека санкциите, без разлика дали се работи за политичари или за бизнисмени, можат да бидат многу ефективни и охрабрувачки. Тие ги тераат луѓето да бидат многу попретпазливи отколку што биле, бидејќи санкциите на САД се сериозни и може да имаат долготрајни последици – подвлече амбасадорката во одговорот на прашањето за воведување санкции кон лица вмешани во коруптивни зделки.
Агелер рече дека САД наметнале санкции зашто тоа е во нивен интерес, а и тоа, како што нагласи, се очекува од нив како суверена нација и одредени луѓе не смеат да влезат во САД.
– Заканата од и ставањето на „црна листа” ќе ги натера избраните функционери, функционерите во министерствата во оваа земја, наставниците, здравствените работници да постапуваат правилно, да си ја вршат работата со интегритет, бидејќи ако не го прават тоа така, може да се соочат со последици.Ние се надеваме дека санкциите носат чувство на одговорност и последици. И се надевам дека тоа ќе се всади во свеста на заедниците во оваа земја. Исто така, граѓаните го бараат тоа од оние што работат за нив, бидејќи, освен кога станува збор за бизнисмените, ние зборуваме за административни службеници, луѓе како мене, кои се ангажирани да работат за својата земја и да го прават она што е во најдобар интерес на државата, а не за лични интереси – потенцира Агелер.