ТЕШКО Е НА ВЛАСТ БЕЗ ВЛАСТ, АМА УШТЕ ПОТЕШКО ВО ОПОЗИЦИЈА Ковачевски на Алтернатива ѝ зеде три министерства, ама ѝ понуди „отворена врата“
Дали Африм Гаши е самиот виновен што останува без министерско место во новата реконструирана влада?
Тешко неделно попладне за партијата Алтернатива на Африм Гаши. Таа денеска заседава во Тетово и треба да одлкучи дали ќе остане во Владата, откако во преговорите со Алијанса за Албанците за реконструкција на Владата, премиерот Димитар Ковачевски ја остави без двајцата ресорни министри и едниот без ресор.
Според предлогот на Ковачевски на кој ќе се расправа на утрешната седница на Собранието (понеделник, 13 февруари), Алтернатива ги губи ресорите здравство и информатичко општество и администрација, а ќе биде сменет и министерот без ресор задолжен за дијаспора.
Од СДСМ ѝ порачаа дека Алтернатива е добредојдена и, како што рече пратеникот и портпарол Дарко Каевски, „нашата врата е отворена за некаква наредна соработка, не само кон оваа, туку и кон сите политички партии или пратеници што ѝ мислат добро на државата и коишто ќе застанат зад европскиот пат на државата како наша стратешка заложба“.
Каевски на прес-конференција рече дека на партијата на Африм Гаши ѝ била понудена опција за продолжување на соработката и дека СДСМ јавно соопштил дека има намера соработката да продолжи.
– Дадовме простор и предлог-решенија со својот кадровски потенцијал да дадат придонес во коалицијата, но, за жал, не дадоа свој предлог, со што де факто одлучија да ја прекинат соработката до овој момент – објасни Каевски.
Алтернатива има тројца пратеници во Собранието – Африм Гаши, Хусни Исмаили и Сафије Садики Шаини. Четвртиот пратеник од оваа партија Скендер Реџепи делува независно во парламентот.