ТЕШКА Е СИТУАЦИЈАТА ВО УКРАИНА БЕЗ СТРУЈА Украинската војска напаѓа руски градови

Украински напад со дронови предизвика штети во јужниот руски град Ростов на Дон, додека десетици илјади корисници останаа без електрична енергија во Криви Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, по руски напад со дронови.

1

Тешка е ситуацијата во Украина, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски во синоќешното обраќање до нацијата.

– Ситуацијата во моментов е тешка насекаде, но најтешка е на фронтот. Нападите продолжуваат. Како и одбраната на нашите позиции – истакна Зеленски.






Поради руските напади врз украинскиот енергетски систем граѓаните немаат електрична енергија и греење, додека на фронтот, руската армија напредува кон југ и кон исток.

Русија и Украина и ноќеска извршија напади со беспилотни летала, кои резултираа со неколку повредени лица и голема материјална штета.

Украински напад со дронови предизвика штети во јужниот руски град Ростов на Дон, додека десетици илјади корисници останаа без електрична енергија во Криви Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, по руски напад со дронови.

Во Ростов на Дон, кој се наоѓа на околу 100 километри од границата со Украина, избувнаа два пожара во индустриски објект, соопшти гувернерот на Ростовската област, Јуриј Сљусар, без да прецизира за кој објект станува збор. Подоцна тој изјави дека едниот пожар е целосно изгаснат, а другиот ставен под контрола.

Во нападот биле оштетени и станбени згради, а повредени се четири лица, меѓу кои и четиригодишно дете.

Руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта соборила 48 украински дронови, соопшти Министерството за одбрана на Руската Федерација. Според соопштението, 25 дронови биле уништени над Ростовската област, 13 над Ставрополскиот крај, 5 над Брјанската област, 3 над анектираниот Крим, како и по еден над пограничните Белгородска и Курска област.

Во меѓувреме, повеќе од 45.000 корисници останале без струја, а над 700 објекти без греење, по масовен руски напад со дронови врз Криви Рих, соопшти раководителот на воената администрација на градот во југоисточната украинска Днепропетровска област, Олександар Вилкул.

Од почетокот на војната пред речиси четири години, Русија често го напаѓа Криви Рих.

Поврзани содржини