Теретаните и фитнес-центрите наместо бицепси ќе „билдаат“ невработеност

Целата ситуација е жалосна со самиот престанок на вршење на дејноста. Ние, како и угостителите и хотелиерите, ставивме клуч на објектите поради тоа што спаѓаме во мерката на Владата која забранува групирање на луѓе на едно место.

2,174

Целата индустрија која вклучува теретани, фитнес-центри и во која работат околу 1.500 луѓе е замрзната. Менаџерите останаа без приходи, а многу работници без плати и работни места. Така, оваа индустрија се најде во друштвото на хотелиерите и угостителите и неколку индустрии кои се затворени речиси од првиот ден поради мерките на Владата поврзани со коронавирусот.

Според неофицијалните податоци во Македонија има околу 500 теретани и фитнес-центри. Се проценува дека најмалку три лица работат во еден објект, како приемен и технички персонал, тренери, директори и фитнес инструктори. Лаичката пресметка покажува дека најмалку 1.500 работни места во моментов се неактивни. Клубовите се целосно лишени од заработката, а на вработените не може да им се исплати плата.






Според податоците од Државниот завод за статистика според дејноста – Уметност, забава и рекреација во 2019 година имало регистрирано 1.753 деловни субјекти, но нема точен податок колку од нив се теретани, фитнес-центри, центри за плилатес и слично.

– Целата ситуација е жалосна со самиот престанок на вршење на дејноста. Ние, како и угостителите и хотелиерите, ставивме клуч на објектите поради тоа што спаѓаме во мерката да не се групираат луѓе на едно место. Најголем проблем за сите кои се занимаваат со оваа дејност е финансискиот дел, поради тоа што опстојуваме од членарината, а со неа ги подмируваме трошоците за плати, кирии, тековните трошоци. Но доколку не вршиме никаква дејност, поточно не работиме, не можеме да дојдеме до никакви приходи – вели Јовче Василевски, сопственик на теретана и генерален секретар во Бодибилдинг и фитнес федерација на Република Македонија.

Василевски додава дека во Федерацијата има околу 40 членки и многумина размислуваат за целосно затворање на објектите и за жал отпуштање на вработените.

– Помалите клубови имаат по 1-2 вработени, па можеби и можат да го пребродат овој период, но голем проблем имаат оние поголемите кои имаат по најмалку 4-5 вработени, работат во смени и имаат нормално поголеми трошоци, а немаат никакви приходи за да ги исполнат своите обврски кон вработените, банките, државата и сметките, па затоа се очекува лошо сценарио токму за нив – рече Василевски.

Ситуацијата е посуштинска затоа што повеќето од нив, и покрај замрзнатите приходи, сепак треба да го платат закупениот простор. Се разбира, можни се преговори со закуподавачот, но не во сите случаи.

Покрај теретаните и фитнес-центрите, од кризата со коронавирусот се и останатите кои служат за рекреација и одржување на телото, како што се пилатес студијата, спа-центрите, часовите по јога, зумба часовите, различни видови на танци, а кои исто така не работат речиси еден месец.

За волја на вистината, повеќето од нив започнаа многу бргу да се прилагодуваат на новите околности, па така сè повеќе клубови се обидуваат да организираат активности и бизниси со користење на интернет односно преку платформите Фејсбук и Инстаграм. Целта е да бидат во контакт со клиентите, презентирајќи им видеа со различни вежби и слино, а со тоа и да им помогнат да го пребродат овој период во кој речиси сите седат во своите домови, како и да заштедат пари колку што е можно повеќе.

Во овој поглед, многу други приватни бизниси, како приватни градинки, училишта за странски јазици, се соочуваат со ист проблем – не смеат да вршат директни услуги за клиентите, а се исправени пред предизвикот да ги платат вработените за што немаат никакви приходи.

Поврзани содржини