ТЕПАЧКАТА БИЛА ЗАД ГРБОТ НА НЕЗИРИ, ТВРДИ НЕГОВИОТ АДВОКАТ Кривичниот совет решава за притвор за напаѓачите

Обвинителот Дејан Петрески, во изјава за Канал 5, рече дека обвинителството останува на ставот дека Судот за овој случај треба да определи притвор за четворицата осомничени.

188

Адвокатот Еленко Миланов, кој е правен застапник на Беким Незири во случајот поврзан со упадот во М-НАВ, вели дека Незири, кој е еден од осомничените, не учествувал во инцидентот во Македонската навигација, дека немал апсолутно никаков придонес во случајот и дека целиот настан се случил зад неговиот грб.


Во изјавата од пред Кривичниот суд Миланов рече дека не е точно оти инцидентот се случил во контролната кула во М-НАВ, ниту дека биле нападнати контролори кои во моментот извршувале работни задачи.







– Целата фама околу овој настан започна со една дезинфомација која постојано се повторува и на таа дезинформација се засноваат сите досегашни изјави и коментари како на стручната, така и на нестручната јавност, а тоа е дека што било се случило во контролната кула. Во овој настан ниту има нешто што се случило во контролната структура, ниту има нешто што се случува во близина на таа контролна кула, ниту, пак, со лице коешто во тој момент требало да извршува свои обврски во контролната кула. Тоа е првото и основно што ја направи оваа фама и разногласие – изјави адвокатот на Незири денеска од пред Кривичниот суд.


Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје денеска одлучува по жалбата на Основното јавно обвинителство – Скопје против решенија на судии од претходна постапка од 5 јануари, со кои на четири лица им определи мерки на претпазливост, за случувањата во М-НАВ.

За упадот во зградата на М-НАВ и напад на вработени, Кривичниот суд им одреди мерки за претпазливост на Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и уште три лица иако Јавното обвинителство бараше притвор, на што обвинителството поднесе жалба.

За останатите четворица, како што информираат од Обвинителство, се уште се трага по централен распис на територија на државата.

Обвинителот Дејан Петрески, во изјава за Канал 5, рече дека обвинителството останува на ставот дека Судот за овој случај треба да определи притвор за четворицата осомничени.

За останатите четворица осомничени, Петрески, посочи дека активно се преземаат мерки за нивно обезбедување, но и за идентификување и на останатите лица и нивно обезбедување во текот на кривичната постапка.

Владата, на седницата од 9 јануари даде насоки за разрешување на претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски и му препорача на Надзорниот одбор на позицијата претседател на УО и извршен директор во СВН да го именува Хекуран Асани, а за член на УО и извршен директор во СВТ да го именува Милан Кораќ.

Упадот се случи на 4 јануари веднаш по прес-конференцијата на претседателот на ССКЛ на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ ќе поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.

Поврзани содржини