ТЕПАЧКА СО „СРПСКИОТ СВЕТ“ Бранејќи ја Шеќеринска од Вучиќ, СДСМ во жесток дуел и со Брнабиќ – ќе одлучи ли втората рунда од мечот која е и чија е Србија?

Најновото соопштение на СДСМ носи наслов „СНС не е српскиот народ, ниту е Александар Вучиќ Србија“. Освен одбраната на Радмила Шеќеринска од Александар Вучиќ и дебатата за Косово и за бомбардирањето на НАТО, Бихаќка сега отвора расправа и за „настрешницата“, за „обоената рецволуција“, за тоа кој кого нарекува „усташи“, а се спомнуваат Мицкоски, Груевски, Шешељ. Се добива впечаток дека СДСМ се обидува „мечот“ со Српската напредна странка на Вучиќ да го добие со нокаут во првата рунда.

1,969

Опозицискиот СДСМ влезе во жесток дуел и со Ана Брнабиќ, претседателката на парламентот на Србија, откако претходно го обвини српскиот претседател Александар Вучиќ, затоа што на Минхенската безбедносна конференција ја критикуваше Радмила Шеќеринска. Како што е познато, Шеќеринска е кадар на СДСМ, но сега е заменик генерален секретар на НАТО.

Како дојде до оваа тепачка на СДСМ со „српскиот свет“?






Бихачка збесна откако српските медиуми пренесоа дека Вучиќ во Минхен изјавил дека од Шекеринска „можат да се слушнат многу работи што немаат многу смисла“ и нагласил дека таа, како и многу други, „не сака да вметне во својата гледна точка она што е вистина и очигледно“, што се видело и кога зборувала за сецесионизмот и за Република Српска.

ВУЧИЌ ЈА КРИТИКУВАШЕ ШЕКЕРИНСКА ВО МИНХЕН Кажува работи кои немаат многу смисла

Во рубриката „Соопштенија“ на сајтот на СДСМ се појави реакција на партија, во кое се вели:

„Вучиќ малициозно нагласи дека ‘оваа жена и луѓето кои доведоа до сецесија’ (нагласувајќи го нејзиниот пол на понижувачки начин, како тоа да е релевантно за аргументот), ја обвини Шекеринска дека има врска со сецесијата на 13-14% од територијата на Србија (мислејќи на Косово). Ова е класичен пример за стилот на Вучиќ – навреди наместо аргументи, што открива длабоко вкоренет шовинизам и понижување на жените. Таквиот однос кон жените не е само личен манир на Вучиќ, туку претставува системски проблем во политичките кругови каде жените на високи позиции често се таргетираат врз основа на нивниот пол, со што се девалвираат нивните професионални достигнувања и придонеси. Ова понижување на жените е облик на мизогинија што ја поткопува родовата рамноправност и придонесува за токсична политичка клима во регионот“.

На реакцијата на СДСМ одговори спикерката Ана Брнабиќ, меѓународната секретарка на српската партија Српската напредна странка. Обвинувањата на Бихаќка Брнабиќ ги нарече „срамни“, барајќи од македонската опозиција да не ги извртува зборовите, но и да не го релативизира кршењето на меѓународното право.

– Сакам јасно да подвлечам дека Александар Вучиќ не кажа ниту еден лош или несоодветен збор за г-ѓа Радмила Шекеринска. Секој што сака и кого го интересира вистината, може да се увери во тоа слушајќи ја снимката од изјавите во Минхен – истакна Брнабиќ.

Таа потенцираше дека Вучиќ е политичар кој најмногу ги почитува жените и како доказ го посочи фактот што тој ја назначил првата жена премиер во историјата на Србија (самата Брнабиќ), за разлика од СДСМ кој, според неа, никогаш не дал таква доверба на жена.

Во својот одговор, Брнабиќ го обвини СДСМ дека се обидува да ја оправда агресијата на НАТО врз СР Југославија.

– Конечно, можно е дека СДСМ сака да нè убеди дека НАТО не извршил агресија и не го прекршил меѓународното право со бомбардирањето на Србија и Црна Гора во 1999 година, иако е тешко да се убеди македонскиот народ во ова бидејќи некои од тие бомби завршиле таму – рече Брнабиќ.

ВУЧИЌ НЕ ЈА НАВРЕДИ ШЕКЕРИНСКА, СООПШТЕНИЕТО ВИ Е СРАМНО! Ана Брнабиќ со остар одговор до СДСМ

Со ново соопштение под наслов „СНС не е српскиот народ, ниту е Александар Вучиќ Србија“, СДСМ остро ја продолжи битката со Вучиќ и со Брнабиќ:

„Таа и Александар Вучиќ се навикнати да ги извртуваат фактите како што им одговара и да навредуваат секого што мисли поинаку од нивната диктаторска матрица. Ја потсетуваме само на некои од нејзините сопствени изјави за студентските протести во Србија:

‘Ова е обоена револуција. Ова е пуч, ова е обид за државен удар. Хрватска им дава логистичка, разузнавачка и финансиска поддршка.’

‘Мислам дека настрешницата беше урната како почеток на обоена револуција.’

Вака таа зборува за студентите, за младите кои се иднината на Србија. СНС во Србија студентите ги нарекува ‘усташи’!

Тогаш е јасно зошто Вучиќ вели дека заменичката на генералниот секретар, Радмила Шекеринска, има врска со сецесионистичката политика на Косово.

Тоа што Александар Вучиќ ве постави, госпоѓо Брнабиќ, на чело на владата, на сите им е јасно. Да се биде послушник во режимот на Александар Вучиќ повеќе никому не треба да му се објаснува.

Вие во таа влада се прашувавте колку и Христијан Мицкоски додека Груевски беше на власт – воопшто.

Што се однесува до НАТО интервенцијата во 1999 година, токму Вучиќ беше член на таа влада, министер за информирање, чија политика директно доведе до бомбардирањето на тогашната СР Југославија.

Добро се сеќаваме на ‘најдобриот ученик’ на Војислав Шешељ. Тоа нема да го заборават ниту граѓаните на Србија, ниту граѓаните на Македонија.

Споменувате дека СНС и Вучиќ се единствените кои ‘негуваат пријателски односи’, како Македонија да е на последно место на светот. Она што сигурно го знаеме е дека покрај тоа што СНС негува односи со ВМРО, изгледа дека негува и канабис со сестринската партија. Функционер на СНС беше уапсен при заплена на 5 тони марихуана која пристигнала од Македонија, а никој не знае како ја поминала границата.

Велите ‘нема никакви претензии кон суверенитетот и територијалниот интегритет’? Што точно треба да значи тоа, госпоѓо Брнабиќ? Некоја скриена закана?

Секојдневно за регионот пласирате вести за некакви набавки на најдобро оружје, најдобри авиони… изгледа ви се допаѓа тоа ѕвечкање со оружје од 90-тите, доктрината на Војислав Шешељ.

Да ве потсетиме, можеби сте ‘заборавиле’, дека Македонија е полноправна членка на НАТО, како што е и мнозинството земји во вашето и нашето опкружување. Затоа тие пораки оставете ги за вашата партиска пропаганда.

За нас Србија е наш најблизок сосед, а српскиот народ го сметаме за еден од нашите најблиски пријатели. СНС тоа не е и никогаш нема да биде. Останувате само сестринска партија на ВМРО.“

За верување е дека Белград не очекуваше ваква контра од опозицискиот СДСМ, ваков удар со кој Бихаќка се обидува да ги нокаутира и Вучиќ и Брнабиќ уште во првата рунда. Останува да се види како ќе продолжи мечот и дали СНС ќе се соземе од шокот и дали ќе возврати.

Поврзани содржини