Теоремата на мајмунот
Уште колку коридори, уште колку квадрати државно земјиште прокнижено во тапиите на властодршциве, или нивните жени и деца? Уште колку закони ќе сменат – со наша помош – со што ќе си ги олеснат условите за повеќе да украдат? Уште колку време ни треба да ги откриеме на тастатурата буквите што го пишуваат зборот – демократија? Па поглупави ли сме од мајмунот, по ѓаволите?
Што би се случило кога Европската комисија, или Европската унија, како сакате, навистина би се осмелила да ја стави Македонија на „stand by“ во започнувањето на пристапните преговори, но не поради „Бугарите во Уставот“ туку поради нејзините апсолутно антиевропски политики во сите суштествени сегменти на демократскиот развој на државата? Прво, тоа не би бил никаков преседан бидејќи тоа, на пример, се случува со Турција веќе неколку децении. Со право или не, не сакам да шпекулирам. Кај нас тоа секако не би значело автоматско сопирање на локалново автократско лудило и криминално коруптивните процеси. Не, ваквите кримогени структури обично одат – до крај. Но, нивното лудило би траело уште некој месец, меѓутоа тоа би бил важен, можеби пресуден сигнал што домашната јавност го очекува, а којшто би поттикнал некакви други процеси. И тоа е тоа што на Македонија ѝ треба во овој миг.
Тоа пак, едновремено, би значело дека сегашниве „елити“ и нивното секојдневно бесрамно дволично однесување би отпаднале од натамошните политички комбинации и би ја загубиле поддршката од меѓународната заедница, со што се отвора просторот за нови политички субјекти со нови лица. Нешто слично како во Црна Гора, каде што македонската власт силно навиваше за својот „близнак“ – губитникот. Па веднаш тоа го сокрија, како неранимајковци кои краделе од медот.
Се разбира, сето ова (може да) наликува на приказна за мали деца пред спиење. И веројатно предизвикува смеа кај актуелниве политиканти, па и кај „шефовите“ им во ЕК. Но реалноста во Македонија, ако се изземе оној одамна набилдан симулакрум дека „секој ден, во секој поглед, сѐ повеќе напредуваме“, им е јасна на сите нормални луѓе. Затоа и овие македонски демократски и евроинтегративни маки многу заличуваат на онаа Борелова „бесконечна мајмунска теорема“.
Имено, според Емил Борел, француски математичар од почетокот на минатиот век, ако во една соба затворите мајмун(ка) со машина за пишување – денес тоа може да биде и компјутер со тастатура – речиси сосема е сигурно дека тој/таа, некогаш, континуирано удирајќи по тастатурата, ќе ги отчука правилно собраните дела на Шекспир! Или, можете теоремата да ја свртите и обратно: дека можноста мајмунот да го напише, на пример, Хамлет е толку мала односно за тоа би било потребно енормно многу време, но не е – невозможна. Следствено, математиката вели дека штом нешто не е невозможно, тогаш тоа може и да се случи, некогаш, кога-тогаш. Се разбира, „мајмунот“ овде е даден само метафорично, па следствено теоремата може да се генерализира на секоја друга дадена ситуација.
Но, математичарите велат дека теоремата е апсолутно докажлива и употребуваат многу примери, меѓу нив и оној со зборот банана: имено, која е, колкава е можноста, на тастатура со 50 букви мајмунот да го отчука зборот банана само со случајно притискање на буквите? Математиката вели 1 во 15 милијарди случаи, но не и дека тоа е – невозможно односно никогаш не може да се случи!
Е сега, впрегнете ја оваа теорема во погон врз македонската ситуација во последниве три децении и нашите, (поточно – нивните, на политикантиве) „напори“ да произведат демократско, проевропско, нормално општество. Уште колку време (ќе) им треба? Педесет, сто, двесте… години? И Европа е подготвена да ги чека? А ние? Ете, Црна Гора не беше подготвена повеќе да чека – доби нормален претседател (барем така изгледа на прв поглед)! Колку сме подготовени ние да чекаме некој да нѐ ослободи од овој пекол? Или тоа можеме да го направиме и самите? Не знам, не гледам назнаки за такво нешто, освен овие ситни калкулативни играрии на опозицијата и ловење во матно.
Колку ѝ требаше на Црна Гора да го симне Ѓукановиќ од власт? 30 години, но не вечност! Колку ни требаше да се ослободиме од бугарскиот окупатор? 4 години, но не бесконечност, како што впрочем беа потребни 11 години да се отарасиме од онаа претходна криминална структура, но и тоа сепак се случи. Друг проблем е што на нејзино место се вгнезди друга таква, иста ако не и полоша. „Мајмунот“ не е виновен за тоа! И колку време ни треба нам денес да го отчукаме зборот „слобода“? И уште колку од ова што ни се случува можеме да поднесеме? Многу?! Уште колку коридори, уште колку квадрати државно земјиште прокнижено во тапиите на властодршциве, или нивните жени и деца? Уште колку закони ќе сменат – со наша помош – со што ќе си ги олеснат условите за повеќе да украдат? Уште колку време ни треба да ги откриеме на тастатурата буквите што го пишуваат зборот – демократија? Па поглупави ли сме од мајмунот, по ѓаволите?
Зарем нормалните луѓе во оваа држава не гледаат дека ова општество низ просторот и времето се движи без сопирачки? И дека веќе самиот тој факт претпоставува катастрофален крај бидејќи актуелнава „постава“ никако не може да ги погоди вистинските букви на тастатурата? А сопирачките во ова и секое друго општество, или држава, се само метафора за почитувањето на законите, за моралноста и етичноста на власта и поединецот/граѓанинот, за казнивоста на корупцијата и криминалот на високите функционери итн. Но кога тоа исто општество, или држава, сеедно, упорно, како лудо, јури во пропаст, а згора на тоа и се чуди на попатните колатерални несреќи што му се случуваат, тогаш некој во тоа општество/држава треба нешто да преземе, нели?
Секако, тешко е да се прифати реалноста дека оваа држава спадна на вакви политикантски гарнитури, на вакви неуки простаци и нивните пајташи од странство, но ако таа реалност е повеќе од очигледна, тогаш има само две важни прашања: што треба да се направи за да се промени таквата реалност и колкава е нашата вина во сето ова? Првото прашање сепак има приоритет, а второто би дошло апостериори. Има ли, конечно, некој нормален што ќе се зафати со овие прашања?
Извор: Теодосиевски уметност