ТЕНЗИИ ПОРАДИ АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК Демократскиот сојуз тврди дека ДУИ создава вештачка криза

Од Демократски сојуз тврдат дека зад протестите за албанскиот јазик стои политичка агенда на ДУИ и предупредуваат на можни етнички тензии и дестабилизација.

0

Демократскиот сојуз остро реагираше по вчерашните протести поврзани со употребата на албанскиот јазик во правосудниот систем, оценувајќи дека станува збор за обид за политичка злоупотреба и сценарио за дестабилизација на државата.

Од партијата велат дека особено загрижува присуството на граѓани од Kосово и Албанија на протестите, што според нив претставува недозволиво надворешно влијание врз внатрешните прашања на државата.






Во соопштението, ДУИ е директно обвинета дека по губењето на власта се обидува преку националистичка реторика и етнички тензии да предизвика политичка нестабилност.

– Очигледно е дека зад овие активности стои политичката агенда на ДУИ, која по губењето на власта се обидува преку националистичка реторика, етнички тензии и вештачки кризи да предизвика дестабилизација на државата и да обезбеди политички поени – велат од Демократски сојуз.

Од партијата нагласуваат дека правото на употреба на албанскиот јазик мора да биде почитувано согласно Уставот, Охридскиот рамковен договор и законите, но додаваат дека истовремено треба да се зачува единствен и функционален правосуден систем.

– Недозволиво е правосудството да стане поле за политички и етнички конфронтации или за создавање паралелни системи кои би ја нарушиле правната сигурност и единството на институциите – стои во реакцијата.

Демократски сојуз ја повика Владата да не подлегнува на, како што наведуваат, притисоци и радикални барања, туку преку дијалог и стручна дебата да се дојде до одржливо решение.

Партијата предлага целосно почитување на јазичните права на сите заедници, задолжително познавање на македонскиот јазик за носителите на правосудни функции и зачувување на унитарниот карактер на државата.

Поврзани содржини