ТЕНЗИЧНО ВО ПРИЛЕП И ВО МАКЕДОНСКИ БРОД Гори букова и мешана шума, пожарникарите на терен
Состојбата со шумските пожари во Македонија се влошува, два активни пожари горат во Македонски Брод и Прилеп, додека четири пожари веќе се изгаснати во Гази Баба, Петровец, Струга и Студеничани.
Вкупно шест пожари на отворен простор, од кои два се активни, додека четири се веќе изгаснати се регистрирани до 12 часот во земјава.
Според податоците од Центарот за управување со кризи, најголемата загриженост останува за шумските површини каде огнот може да се прошири, особено поради високите температури и засилениот ветер.
Активните пожари се забележуваат во општина Македонски Брод, во повеќенаменското подрачје „Јасен“, каде гори мешана шума, и во општина Прилеп, во селото Беловодица, место викано Ливада, каде изби пожар во букова шума. Екипите на терен постојано ја следат состојбата, а Дирекцијата за заштита и спасување и локалните пожарникари работат на нивно сузбивање за да се спречи евентуално проширување на огнот кон населени места или патишта.
Од другата страна, четири пожари веќе се целосно изгаснати. Во Гази Баба, на улица Перо Наков, пожар избувнал на ѓубриште, додека во Петровец, во селото Средно Коњаре, исто така било опожарено депонирано ѓубре. Во Струга, во селото Драслајца, пожарот на ѓубриште е ставен под контрола, а во Студеничани, во селото Калдарец – Китка, се изгаснал пожарот во мешана вегетација. Иако овие пожари не претставуваат непосредна опасност, тие повторно покажуваат колку е важно граѓаните да ги почитуваат правилата за ракување со отпад и да избегнуваат запалување на отворен простор во критични услови.
ЦУК апелира до граѓаните да ги следат информациите за состојбата со пожарите и да ги известуваат надлежните во случај на забележан огнен фронт, додека властите продолжуваат со координирани акции за целосно гаснење на активните пожари и превенција на нови избици.