ТЕНДЕРОТ ЗА ХЕЛИКОПТЕРИТЕ НА „ПРЕГЛЕД“ КАЈ АНТИКОРУПЦИСКА Ќе се испитува и набавката на 22 амбулантни возила
Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата регулираат што не смее да се прави откако ќе се распишат изборите додека да завршат.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвора предмети за набавката на осум хеликоптери за Армијата вредна 230 милиони евра и за набавката на 22 амбулантни возила преку тендер на Министерството за здравство.
Освен за овие два тендера Комисијата ќе отвори уште 13 други предмети поврзани со изборите, некои по допрен глас, а други по пријава, информираат од Комисијата.
Законите регулираат што не смее да се прави откако ќе се распишат изборите додека да завршат, и овие предмети се поврзани со почитување на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата, откако на 14 февруари претседателот на Собранието Јован Митрески ги распиша претседателските и парламентарните избори закажани за 24 април и за 8 мај.
Со овие одредби се регулираат условите за нови инвестиции, јавни набавки, вонредни исплати, вработувања во државни и јавни институции, ангажирање хонорарни соработници и слично.