ТЕМПЕРАТУРНА ИНВЕРЗИЈА ЈА „ЗАКОВА“ МАКЕДОНИЈА Попоски открива зошто планините се потопли од градовите
Попоски објаснува дека државата се наоѓа под влијание на силен антициклон што се протега од јужните предели и носи стабилно и суво време, но со јасно изразена разлика во температурите меѓу котлините и високите места.
Македонија деновиве се соочува со изразена температурна инверзија, поради која котлините се значително постудени од повисоките и планинските места. Според метеопрогнозерот Славчо Попоски, ваквата состојба ќе продолжи најмалку до 20 декември, придружена со магла и ниска облачност во утринските и ноќните часови.
Попоски објаснува дека државата се наоѓа под влијание на силен антициклон што се протега од јужните предели и носи стабилно и суво време, но со јасно изразена разлика во температурите меѓу котлините и високите места.
– Температурна инверзија е кога котлините и низините се поладни од високите и планинските места, каде што е значително потопло – вели Попоски, нагласувајќи дека ефектот е многу видлив токму во овие денови.
Според него, антициклонот создава услови за тивко, стабилно и суво време, а токму поради тоа топлината „се заробува“ на повисоките локации.
– Македонија се наоѓа во поле на висок воздушен притисок, што условува стабилно време и повисоки температури на високите населени и планинските места – додава Попоски.
Во котлините, пак, утрата се поладни и се појавува магла, која во текот на ноќта повторно се згуснува поради зголемување на ниската облачност.
– Во текот на ноќта очекуваме зголемена ниска облачност и магла која повремено ќе биде и густа – предупредува Попоски.
Слична временска слика ќе нѐ следи до 20 декември. По котлините ќе остане постудено отколку на повисоките места, а маглата во најстудените периоди ќе биде најизразена.
– Ваквата состојба ќе продолжи најмалку до 20 декември. Маглата и ниската облачност ќе бидат најзастапени во утринските и во ноќните часови – истакнува Попоски.