Темната материја на македонското политичко небо

Што им е во план следно: на пример да воведат и деликт на мислење, па оние нивни извршноодборски празноглави сушстества да ценат што и како мислел македонскиот граѓанин и дали е тоа во склад со нивните партиски програми односно погроми?!

1,030

Постојано пишувам за црни луѓе, за неморални политикантски ликови кои речиси целосно го окупираат не само политичкиот туку и јавниот простор со нивните бесмислени, простачки, навредливи испрдоци што го трујат етерот. И социјалните мрежи се полни со ужасно вулгарни „креации“ на нивните полтрони – еднакво црни како и газдите им. Политичката борба – поточно гладта за гола власт – ја направи македонската опозиција, или она што останало од неа, вистинска темна материја што го тероризира македонското политичко небо со нејзините „црни дупки“ што голтаат сѐ околу себе.

И минатиот пат бев малку скептичен за употребата на зборот „терор“ како замена во контекстот на „белото измачување“, за тортурата што и понатаму секојдневно ни ја приредуваат. Зборот звучи прилично вознемирувачки, особено во ова наше совремие, асоцира на неоправдано насилие, на жртви… А сепак го употребив бидејќи, прво, многумина така го доживеаа оној седумгодишен период на црната коалиција, а особено овие година и половина како таа злосторничка дружина е во опозиција. И второ, како да имав претчувство дека нивново актуелно продолжено, дури засилено вербално дивеење во јавниот простор е само на чекор до посериозни „активности“ што инаку се дел од описот на поимот „терор“.






И сега, некој може да каже дека денунцирањето новинари пред некаков блесав суд на честа на знм (малите букви за двете „тела“ се реален одраз на нивното беспримерено однесување во целиот случај!) не може да биде терор. Но мислам дека може, особено кога доаѓа од онаква неконтролирано разулавена секта подготвена на сѐ за да си задржи некакви позиции во општеството. А кога нивниот спектар на тероризирање на јавноста и нејзини угледни поединци – а долгогодишниот новинар и уредник Геровски тоа секако е – оди до небулозни и во основа срамни полициски пријави за „загрозување на сигурноста преку јавна закана“, тогаш е очигледно дека тој никулец на терор фатил добар корен и почнал ненормално да се развива! Згора на сѐ друго, целиот „случај“, повторно, е конструиран на измислици и лаги, на неписменост и партиско „читање“ како во времето на омиленото им Информбиро! Оттука, после сѐ, реално е прашањето кој е следен и дали сите што ги критикуваат или имаат забелешки на нивната работа и (особено) однесување ќе бидат тужени и ќе се бара полциска интервенција?

А потоа замислете власта денес навистина да беше во нивни раце, како ли ќе се развиваше оваа конструкција? Со приведување на именуваниот, со информативен разговор, со мерки на претпазливост…? А замислете и оној нивниот Коцевски да останеше на функцијата, каква обвинителско-судска разврска ќе имаше овој болшевистичко-фашизоиден сдсмовски театар?

Се разбира, секој нормален во државава ќе се сетеше и на онаа неодамнешна трагикомична претстава со кодно име „Резолуција над сите резолуции“ односно „Резолуција против слободата на говорот“ – претстава којашто, како што врескаа нивните челници, била „врховистичко предавство на Уставот“ и „democratic backsliding (демократско назадување), директно загрозувајќи ја слободата на говор и плурализмот“ (sic!). Па каде се сега истите полуписмени дилетант-актери од аматерскиот театар викан сдсм да гукнат нешто за нивното болшевичко предавство односно оваа нивна партиска „резолуција“ за апсење на новинари и сите други кои со збор или перо ќе извршат „атак“ врз нивното членство и ценетиот им претседател? Кои се заштитени какво свети крави и волови, нели. И да објаснат како ова нивново не е „во директна колизија со членовите 8, 91 и 118 од Уставот“ и дали и тоа „е само ехо на тој менталитет: презир кон легалитетот во име на еден имагинарен, партиски конструиран легитимитет“!?

А секако и да ја просветлат македонската јавност што им е во план следно: на пример да воведат и деликт на мислење, па оние нивни извршноодборски празноглави сушстества да ценат што и како мислел македонскиот граѓанин и дали е тоа во склад со нивните партиски програми односно погроми?!

Работат ли на отворањето и на некој нов Голи оток?

Се разбира, знаеме дека политиката често е опасна игра. Го знаеле тоа уште старите Хелени и Римјани. Ама ова? Овие ја претворија опасната игра во мафијашка бестијална пресметка со сите и секого кој не им е по ќеф. Се колнат ли и овие над партиските книшки на лојалност и подготвеност на сѐ? А нивните ботови и „егзекутори“ во обвинителството, судството…? Или барем се посомневал ли веќе некој во очигледното предавство на социјалдемократската идеја од страна на нивните „лидери“, на демократијата во државава, па и на правата на другите на слобода на говор, онаа за којашто божем толку се залагаат? И каква иднина гледаат во овие насилни „политики“? И дали воопшто гледаат дека овде одамна не се работи за откривање криминали, корупции во власта и околу неа туку за гола борба за спасување на кожата на еден грст криминални типови во врвот на нивната партија? И дали, кога секое апсурдно соопштение го завршуваат со „одговорност мора да има“, мислат и на сопствената, онаа во континуитет од цели седум години?!

Веќе знаеме дека овие не го мирисаат многу Тукидит, но можеби можат да го читаат Цицерон. Тој препознавал кога Цезар, Помпеј и Крас се бореле за моќ и превласт врз грбот на општеството, против законите и Сенатот. Не го гледаат ли оние малкумина преостанати социјалдемократи сличното и во нивните редови и дека овие нивни таканаречени „лидери“ повеќе наликуваат на тирани кои, не размислувајќи многу, одамна го преминаа демократскиот Рубикон?

И повторно, кажано со астрономски јазик, за среќа овој и ваков сдсм во македонскиот политички универзум е само веќе малечко парченце темна материја којашто, според најновите научни истражувања, одамна е во стагнација односно во континуирано слабеење, што пак ќе предизвика нејзино исфрлање од македонската политичка парадигма од страна на „гравитацијата“ на другите македонски партии. Особено пак што нивното вакво арогантно и на мигови дури терористичко однесување токму во стилот на темната материја во универзумот константно ги влече во „црната дупка“ на политиката, им ги осипува силите, ги прави вселенско-политикантски џуџуња. Оттука, и претстојниот нивни конгрес е можеби решавачки за нивната судбина. Ако џуџињата се осмелат на повторни провинциски подметнувања, истиот тип на досегашен сељачизам и тероризирања на членството засаради евентуалните гласови против актуелното раководство, сектата ќе згасне, ќе биде само уште една мртва ѕвезда на политичкото небо.

Поврзани содржини