ТЕМЕЛНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ГРАДИНКАТА „МАЈСКИ ЦВЕТ“ ВО ТАФТАЛИЏЕ 1 Просторот ќе се адаптира според современи педагошки стандарди

Ќе се обноват санитарните јазли и ќе се изведат мерки за топлотна изолација, што ќе придонесе за поудобен и поекономичен престој на децата и вработените. 

33

Премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи информира дека во рамки на стратешките заложби за подобрување на условите во детските установи и зголемување на квалитетот на предучилишното воспитание, почната е темелна реконструкција на ЈОУДГ „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе 1, еден од најзначајните капацитети за згрижување и едукација на деца во Општина Карпош.

Проектот опфаќа целосно обновување на постојниот објект, со активности кои вклучуваат градежни и технички зафати за подобрување на функционалноста, безбедноста и енергетската ефикасност на просторот. Со реализацијата на овој проект, како што посочува Мицкоски, не само што се модернизира објектот, туку и се овозможува простор што ги стимулира креативниот, социјалниот и емоционалниот развој на децата од најрана возраст.






„Инвестицијата изнесува 108.941.063 денари и е финансирана од Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади, како дел од поширокиот процес на унапредување на јавната социјална инфраструктура, со фокус на еднакви услови за сите деца и создавање на основи за здраво и безбедно детство. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша премиерот во објавата на својот Фејсбук профил.

Предвидена е замена на покривната конструкција, реконструкција на внатрешните простории и адаптација на просторот според современи педагошки стандарди. Ќе се обноват санитарните јазли и ќе се изведат мерки за топлотна изолација, што ќе придонесе за поудобен и поекономичен престој на децата и вработените.

Поврзани содржини