Темата „Бугари во Устав“ ад акта, Македонија да се повлече и од Историската комисија!

После ваков б'лгарски доклад спакуван во европски целофан, ниту еден политичар Македонец нема политички легитимитет и кредибилитет да води било какви натамошни разговори со ентитети кои изразуваат не само скриено и неформално, туку и јавно и формално непочитување на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет.

4,155

Секое зло за добро е, вели нашиот народ.

Сега, после одлуката на Европскиот парламент од Извештајот за Македонија да ја исфрли кусата фраза во која се изразува почит кон македонскиот јазик и кон македонскиот идентитет, барем сме на чисто. Нема недоумици, неоправдани очекувања, скриени надежи.






Сега сите знаеме дека и Европскиот парламент, како и Европската комисија – чија комесарка за проширување Марта Кос македонскиот идентитет го поистовети со пинџур и со полнети пиперки – не ги почитува Македонија и Македонците.

Сеедно беше дали во извештајот на Европскиот парламент македонскиот народ и македонскиот јазик ќе се наречат “современи” или “модерни”, или таа фраза едноставно ќе се избрише од тој документ. Суштината е иста – Европската унија официјално и целосно ја поддржа бугарската политика на негирање на македонскиот национален и културен идентитет.

Со тоа пропаѓаат сите надежи и очекувања ЕУ да го прифати историскиот факт дека македонската нација и македонскиот јазик не се вештачка творба создадена во 1944-1945 година, туку имаат свој извор во далечното минато и свој историски континуитет.

“Бугарија има јасна агенда и план, водена е од мислата да ги уништи македонската нација и идентитет”, изјави денес македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Да, тоа е токму така, но сега новост е што Европската унија јасно и недвосмислено ја поддржува таа агенда. Брисел навести, а сега и покажа и докажа, дека не ја почитува Македонија, земјата чии аспирации за членство во ЕУ никого и ништо не негираат и никого не повредуваат.

Европскиот парламент ја поништи политичката суштина на Преговарачката рамка и де факто го прекина пристапниот процес за Македонија, оневозможувајќи Скопје да ги почне преговорите на достоинствен начин.

Преговарачката рамка е мртва. Прашање на ден е кога тоа и формално ќе се констатира.

И Договорот за добрососедство со Бугарија е мртов. Порано или подоцна, ако нештата се движат во оваа насока како сега, македонската страна ќе мора и формално да го отфрли.

Европската унија денес е на речиси идентична позиција како и во Декларацијата на Европската заедница од 27 јуни 1992 година, усвоена во Лисабон, во која беше кажано дека нашата земја ќе биде признаена само под име што нема да го содржи зборот “Македонија”.

Во овој момент, ниту еден политичар Македонец нема политички легитимитет и кредибилитет да води било какви натамошни разговори со ентитети кои изразуваат не само скриено и неформално, туку и јавно и формално непочитување на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет.

Тоа се однесува и на премиерот Мицкоски, кој денеска одлучно опомена никој веќе да не му спомне дека проблемот бил “Бугари во Уставот”. Но, тоа се однесува и на сите оние кои подолго време ја убедуваат јавноста дека Македонија требало да ја прифати софиската “подадена рака” (а уцена, всушност), за да сме го почнеле преговарачкиот процес, бидејќи битката за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет наводно одамна била добиена.

Сега секому е јасно дека тоа уверување било само обична лага и манипулација, со цел владата во Скопје да се “приведе” на преговарачка маса и во процес во кој главен збор би воделе софиските политици, чекор по чекор да се откаже од сите атрибути на македонскиот национален и културен идентитет.

Никој нема мандат за такво нешто, тоа да биде јасно!

Ако, пак, некој мисли поинаку, нека повели нека излезе на избори со јасна пробугарска агенда, или нека побара граѓаните на референдум да се изјаснат дали сакаат да прифатат да бидат некакви “модерни” Македонци, “измислени” во 1945 година.

Во духот на неговата цврста решеност да го прекине континуумот на сервилните политики на владата во Скопје кон негаторите на самобитноста на македонската нација, јавно му предлагам на премиерот Мицкоски да направи уште еден одлучен чекор – да ги суспендира разговорите и преговорите во Историската комисија и да го “развласти” нејзиниот македонски дел. Ако навистина немаме намера да преговараме за историјата со луѓе кои нè негираат, тогаш постоењето на една таква комисија е непродуктивно и штетно.

И уште нешто: мислам дека македонските власти треба да го избегнат понижувањето на формалниот прием на извештајот на Европскиот парламент за Македонија. Бидејќи ова и не е европски извештај, туку обичен б’лгарски доклад спакуван во бриселски целофан. Брисељаците нека ни го испратат по пошта, или нека го прими архиварот во Секретаријатот за европски прашања.

И тоа е многу…

Поврзани содржини