Тела без ум
Секако – не смее да се заборави! – дека не мала улога, а можеби и една од клучните, се локалните лиферанти на „западните демократски вредности“, на некакви „приливи и одливи“ на демократски трасформации (меѓу нив, веројатно, и „Шарената револуција“, а особено оние две „тела без ум“?!), и слични кампањи. Тој „придонес“ кон општото зло е немерлив, но не и за историјата. Таа секако ќе го каже својот збор.
Не е којзнае какво откритие ако денес, после сѐ, признаеме дека ние си имаме проблем со себеси. И дека кај нас се сѐ уште живи соцреалистичките „традиции“, дека три децении не се – барем за Балканот – доволно долго време за темелни промени во свеста на луѓето, дека тоа е особено видливо во политиката итн. Како да не сакаме да се одлепиме од минатото и мислата дека некој друг ќе ги реши сите наши проблеми. Порано тоа беше онаа бивша држава, сега на нејзино место ја устоличија „меѓународната заедница“.
Да, онаа претходна држава беше форматна – сразмерно многу поголема, посилна, побогата, па и поумна. Ние односно Македонија дававме свој придонес, во некои области поголем, во други помал, но генералната грижа за најважните нешта беше на туѓ грб, без оглед дали сакаме тоа да го признаеме или не. И тоа се виде веднаш по распадот на таа држава.
Се разбира, можеме, а можеби и треба, најголем дел од вината за денешните состојби да префрлиме на дел од лошите транзициски политики во првите години од осамостојувањето, на неукоста и неискуството на дел од „елитите“…, што понатаму експоненцијално растеше до овој монструм којшто некои се трудеа да ни го подметнат како современа европска држава. За среќа, не успеаја!
Но, вториот дел од современата македонска приказна е фактот што ние, сѐ повеќе и сѐ почесто, имаме проблем со таа „меѓународна заедница“ односно двата клучни за нас фактори во неа – таканаречените стратешки партнери. Ние нив не ги разбираме, а тие глумат дека не нѐ разбираат нас! Тие во континуитет инсистираат – со стап и морков! – некаков криминал брак со локалната власт и искажуваат нервоза ако тој не функционира според нивните замисли. И тој взаемно непродуктивен однос често резултира во „конфликтни“ ситуации, до вжештување на тоа взаемно неразбирање, што кулминира во отворен анимозитет, како сега овој со оние проклети два совети како „важни“ контролни механизми во правосудството. И, демек, „најголем“ проблем во државава.
Или нервозата е заради откажувањето на послушноста и понизноста, најавени во неколку наврати од 8 мај наваму, а со коишто се совпадна и онаа изјава на новиот премиер дека „стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата“?!
Што е, де факто, мислење и на две третини на граѓаните во државава. Но и да не е така – а така е! – односно дури таа изјава да ја наречеме популистичка а огромното граѓанско незадоволство од правосудството да го крстиме како неосновано само за да им удоволиме на странските „партнери“, останува фактот дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се типичен пример – но и производ! – за/на скандалозните состојби во таа област, за партиските влијанија и корумпираноста итн. Неодамнешните случувања со притворот на еден судија и обвинувањата за еден член на Советот на јавни обвинители беа само уште една потврда за криминалот што владее во правосудството!
И ако тоа е така, ако тие две „тела“ се џокерот на судската и обвинителската мафија еднакво како и на политичката, ако низ нив се прекршуваат сите коруптивни и криминални афери (не само) во правосудството, ако таму владее не само партизацијата туку и неукоста и нестручноста – за што фрапантен пример е онаа „претседателка“ на Судскиот совет на чие враќање инсистираше токму ЕУ! – тогаш која е поентата, но и целта, на т.н. „меѓународна заедница“ за задржувањето на овие две тела без мозок? Кому тие му служат, и за што, и каква е нивната вистинска улога и крајна цел? Ако тие тела се тотално неспособни дури и во исполнувањето на оние неколку безначајни ингеренции што ги имаат, тогаш каков, и чиј, фактор тие можат да бидат во правосудството? Само форма без суштина, наметната од „меѓународната заедница“?!
И сега, повторно, како и многупати претходно, се развива „дебата“ за неспособни, некомпетентни и во основа ужасно неморални поединци и групи кои истата „меѓународна заедница“ ни ги наметнува како нејзини фаворити за нашата благосостојба. Како што беа и оние од сдсм и нивните подопашници од „Шарената револуција“ – којашто, за жал, дефинитивно се покажа како однадвор инструментализиран народен гнев – и коишто ја доведоа земјата до овој катастрофален хаос.
Македонскиот граѓанин дојде до точката кога веќе не може да ја разбере улогата на таа „меѓународна заедница“ во земјава. Ако воопшто и таа самата може да се разбере себеси. Но може, секако, само треба повнимателно да се следат нивните потези (не само) овде, и пораки. Велам не само овде зашто македонскиот граѓанин не е веќе истиот од пред две-три децении, без елементарни познавања на европското право, на меѓународните односи, на демократските темели на коишто почива идејата за Европската унија итн.
Влегувањето на Украина и Молдавија во играта за (безмалку) директен влез во Унијата само ја дообјаснува општата слика за „политиките“ на евробирократијата и САД, на европскине шушумиги кои не знаат веќе како да им угодат на Натовштината и империјалистичкиот дух на божемната „западна мисла“. Иако, впрочем, и западната демократија и нивната слободоумност ни се удираат од глава уште од 1993 година во различни варијанти, а особено со игранката за името како почеток на оваа историски најнова македонска одисеја низ европските лавиринти.
И цели три децении како ништо да не се смени во таа вавилонска политика. Кога денес, односно вчера го слуша(в)те оној Гир како говори за Преспанскиот договор, за Договорот за добрососедство и за „француската рамка“…, па и за оние погоре спомнати правосудни „тела без ум“, просто веќе ви станува одвратна смислата на македонскиот евроинтегративен пат. Зашто, настојчивата негација не само на здравиот разум, на европскиот демократски дух, на основните човекови права туку и на идентитетот на една нација…, сериозно го доведува под прашање и (раз)умот во ова и вакво денешно европско тело.
Или, нештата можат да се постават и поинаку. На пример, која од европските држави би прифатила онаков Судски совет, со онаква „претседателка“? Или со онакво инсталирање на бивша партиска потпретседателка во Уставниот суд? Која европска демократија цели пет години би поддржувала премиер од „форматот“ на еден Заев, па уште две на некој како Ковачевски? И која сериозна европска држава би толерирала цел мандат на „претседател“ на држава со рејтинг од 3-4%?
А овие тоа го правеа цели седум години и со сите сили нѐ убедуваа дека тоа е за наше добро и успешните евроинтегративни процеси! Како што тоа сега го прават и со оние две „тела без ум“! Или не се сигурни дека утре ќе можат повторно да најдат такви послушници кои беспоговорно ќе ги извршуваат нивните наредби?
Ако кон овие „еврокадровски“ првенци ги додадете и неколкуте малоумни партиски баталјони во самите врвови на државата исто така поддржани од ЕУ бирократијата, па сето тоа го помножите со деновите во месеците и месеците во годините од 2017 наваму, ќе добиете фрапантен серијал од неспособни „прогресивци“ и „евроинтегративни“ преваранти поставени на највисоките државни позиции за да спроведуваат нечии агенди!
Македонскиот граѓанин, географски и културно неразделен дел од европската историја, го доведоа до фаза да се сомнева во себе и сопствените когнитивни и морални капацитети. Го трансформираа во едноклеточен организам кој реагира само на „стратешки важни“ дразби, запоставувајќи ги сопствените потреби за нормален живот.
Секако – не смее да се заборави! – дека не мала улога, а можеби и една од клучните, се локалните лиферанти на „западните демократски вредности“, на некакви „приливи и одливи“ на демократски трасформации (меѓу нив, веројатно, и „Шарената револуција“, а особено оние две „тела без ум“?!), и слични кампањи. Тој „придонес“ кон општото зло е немерлив, но не и за историјата. Таа секако ќе го каже својот збор.
извор: теодосиевски уметност