ТЕКСТИЛНАТА ИНДУСТРИЈА БАРА ВЛАДАТА ДА ГО ОТВОРИ ПАЗАРОТ НА ДЕВИЗИ Иницијативата ќе ја презентираат на Економско-социјалниот совет

Странските партнери на домашните текстилни компании, поради ниските трошоци, своето производство го имаат префрлено во Бангладеш и други земји во Далечниот Исток, а во нашата земја останаа да ги работат само помалите и брзи налози, односно нарачки.

1

Македонската текстилна индустрија ја изгуби својата конкурентска способност во однос на земјите од Далечниот Исток. Очекуваме потешка година за овој сектор, бидејќи борбата со конкуренцијата веќе е изгубена, вели Ангел Димитров од Организација на работодавачите и менаџер на текстилна фабрика во Свети Николе.

Димитров смета дека на индустријата ѝ е потребна помош од страна на државата, но, додава дека  се свесни дека државата не може да помогне во делот на субвенционирањето на придонесите на работниците и затоа бараат Владата да го врати пазарот на девизи. Иницијативата ќе ја презентираат и на Економскиот-социјалниот совет.






– Евентуално би помогнало некое мало решение кога би се пуштил пазарот на девизи во Македонија за ние сами да си ги продаваме девизите, а не банките да ни ги земаат по некој официјален курс, со што заработуваат од продажбата на девизите. Такво решение имаше пред десетина-петнаесет години, не знам зошто се укина – посочи Димитров.

Димитров посочува дека веќе ги губат странските партнери, поради ниските трошоци, своето производство го имаат префрлено во Бангладеш и други земји во Далечниот Исток, а во нашата земја останаа да ги работат само помалите и брзи налози, односно нарачки.

– Не остана европски бренд што не замина во Виетнам, Бангладеш или Мјанмар. Сите поголеми налози се шијат таму, каде што платата е 150 долари и се многу поевтини од нас, иако продуктивноста на македонските работници е повисока за 30 отсто, но платите им се повисоки за 300 проценти – изјави Димитров.

Тој истакна дека и понатаму се бележи пад на бројот на вработени во текстилната и кожарската индустрија, каде што, според неговите процени, останаа да работат приближно 20.000 работници.

Поврзани содржини