ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА ОДИ ВО ЗАБОРАВ Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се делумно прифатливи за сите, освен за СДСМ?
За укинување на техничката влада се потребни измени на Законот за влада, кој е систематски закон и треба да се измени со двотретинско мнозинство. Без техничка влада, промената на премиерот би довело до оставка на целата влада, како во случајот со претходната влада предводена од Зоран Заев. Предложениот кандидат ќе треба да го бара мандатот, да го предложи владиниот кабинет и програмата и составот за гласање во Собрание.
Воведување една изборна единица, промена на изборниот модел, укинување на техничката влада, но и предвремени парламентарни избори.
Овие прашања веќе подолго време се провлекуваат во македонската политичка сцена и чекаат да бидат ставени на преговарачка маса, а по низата барања од помалите политички партии кои активно се залагаат за да има ваква разврска, сега и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ одлучи да ги прифати измените и да ја фрли ракавицата директно во лицето на власта.
Но, очигледно, СДСМ не смета дека токму сега е идеалниот момент за да се прават такви големи промени, означувајќи го предлогот на опозицијата како – условување.
Техничка влада значи недоверба во институциите
Ние не гледаме проблем во тоа да се воведе една изборна единица и отворени листи, но гледаме проблем во барањето на опозицијата да нема техничка влада и предвремени избори, бидејќи тоа е неискрено барање, велат од СДСМ.
– Потегот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е само најобично условување и претставува одраз на нивниот очај, бидејќи граѓаните веќе гледаат колку се неспособни нивните градоначалници – истакнуваат од партијата на Димитар Ковачевски, додавајќи дека актуелната влада ќе го заокружи мандатот до 2024 година и дека легитимитетот го црпи од резултатите на парламентарните избори во 2020 година.

Од партијата на Христијан Мицкоски посочуваат дека се подготвени да одат на предвремени парламентарни избори без техничка влада, оти како што велат, на тој начин ќе се заштеди на време и новата влада ќе може да започне да се справува со предизвиците пред кои е исправена државата. И во поглед на воведувањето една изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ ги повикува помалите партии да смогнат сили и да им кажат „не“ на нивните раководства кои ги држат во влада за само неколку директорски места.
Од ВМРО-ДПМНЕ дури му порачуваат на СДСМ дека се подготвени да ги прифатат актуелните министри за внатрешни работи и за труд и социјала и дека тие како опозиција нема да предложат заменици-министри во земјоделство, финансии и во информатичко општество, само за да се одржат предвремени парламентарни избори.
– Нејасни се позициите на СДСМ. Од една страна ги манипулираат нивните коалициски партнери дека го прифаќаат предлогот да се воведе една изборна единица, од друга страна се согласуваат дека техничката влада се покажа како тотално неуспешна, а од трета страна не сакаат да излезат на предвремени парламентарни избори и да остават граѓаните да одлучат за иднината на државата. Еве, јавно прашуваме, кој е ставот на СДСМ? – изјави за Плусинфо портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Од партијата на Али Ахмети не добивме одговор за овие прашања до објавување на текстот, но координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми, вчера изјави дека партијата поддржува укинување на техничката влада во последните 100 дена од мандатот.
– Иако измените и дополнувањата на Изборниот законик треба да се направат со консензус, отворени сме за дебата и дискусија за изнаоѓање консензус за промена на Изборниот законик. Нелогично е земја-членка на НАТО, која ќе ги отвори преговорите со ЕУ, да има техничка влада како резултат на недоверба во институциите во спроведувањето на еден изборен процес – истакна Адеми.
За укинување на техничката влада се потребни измени на Законот за влада, кој е систематски закон и треба да се измени со двотретинско мнозинство. Без техничка влада, промената на премиерот би довело до оставка на целата влада, како во случајот со претходната влада предводена од Зоран Заев. Предложениот кандидат ќе треба да го бара мандатот, да го предложи владиниот кабинет и програмата и составот за гласање во Собрание.
Една изборна единица, а не предвремени избори
Во програмата на Владата е јасно наведено дека изборното законодавство ќе биде усогласено со препораките од ОБСЕ/ОДИХР, а отворена е дискусијата и за една изборна единица, истакна вчера премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Тој додаде дека различни партии имаат различно видување во врска со изборниот модел и рече дека токму затоа Изборниот законик треба да се носи во подолг временски период за да биде направен на начин кој ќе биде спроведлив и адекватен за сите партии.
– Не треба временски да се ограничуваме, туку да се отвори дискусија и да се види кој модел е најдобар за сите политички партии. СДСМ ќе учествува во таа дискусија, заедно со сите коалициони партнери – потенцираше Ковачевски.
Од друга страна, лидерите на ДОМ и на Демократски сојуз, Маја Морачанин и Павле Трајанов, позитивно се изненадени од тоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ го сменила ставот за една изборна единица, но како што велат, ова прашање не треба да се поврзува со барањето за предвремени избори, а дебатата за ова прашање треба да се води во Собранието.
Според Морачанин, ДОМ не планира да ја промени страната, ниту, пак, да биде една од партиите која ќе овозможи распуштање на Собранието.
Трајанов не сака да ги коментира барањата на опозицијата за брзи избори, а најважно според него е партиите да поддржат промена на изборниот модел.
– Демократскиот сојуз не учествува во никакви активности на опозицијата. Не сме дел од нивниот процес, ниту учествуваме во пазарења за промена на мнозинството или во иницирање предвремени избори – рече кратко Трајанов.
Поддршка за една изборна единица пристигна и од Алтернатива, додека од Алијанса за Албанците преферираат отворена изборна листа со осум изборни единици.
Инаку, во земјава моментално се гласа по пропорционален изборен модел со шест изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници. Со ваков начин мали се шансите за помалите политички партии, кои, и покрај тоа што освојуваат одреден квантум гласови, сепак остануваат без пратеничко место.