Техничката влада – од нужност до политички рецидив

Ако по 11 години и по неколку изборни циклуси сè уште тврдиме дека без техничка влада не може да има фер избори, тогаш признаваме дека државата не успеала да изгради нормални демократски институции. Ако и по една деценија тврдеме дека без техничка влада не може да има фер избори, тогаш проблемот не е во моделот, туку во политичката волја да се изградат функционални институции. Тоа не е европски пристап, тоа е признавање на траен институционален неуспех и неспособност.

894

 

Одбивањето на опозицијата да учествува на лидерска средба на која би се разговарало за јавниот обвинител, изборниот процес, правосудните реформи и иднината на техничката влада е политички потег што тешко може да се оправда. Уште потешко е да се разбере зошто опозиција која се повикува на демократија и владеење на правото одбива дијалог токму за темите што ја дефинираат демократијата.






Техничката, односно Пржинската влада, не е ниту нормален ниту стандарден модел на владеење. Таа произлезе од Пржинскиот договор во 2015 година, како кризен механизам за надминување на тогашната политичка состојба по објавувањето на „бомбите“. Сто дена пред избори се воспоставуваше преодна влада со ограничен мандат и строго дефинирана цел: да обезбеди фер и демократски избори во услови на длабока политичка недоверба.

Таа влада беше замислена како исклучок, не како правило. Како привремено решение, не како траен модел. Но денес, повеќе од една деценија подоцна, техничката влада опстојува како политички рецидив.

Во регулативата, нејзините надлежности се јасно ограничени. Техничкиот премиер и министрите немаат право да предлагаат амбасадори, директори на јавни претпријатија, членови на управни одбори, ниту да носат стратешки одлуки. Дури и во чувствителни области како безбедноста, техничкиот премиер формално присуствува на координации, но без можност да предлага или да одлучува. Апсурдна ситуација за држава што треба нормално да функционира.

Во пракса, тоа создаде институционална парализа. Дополнително, самата структура на техничката влада со министри, заменици и дополнителни заменици од различни партии, со „врзан потпис“ покажа сериозни слабости. Во пракса, техничката влада не донесе стабилност, туку дополнителен хаос и комплицирање на тековните активности. Присуството или бојкотот на седници на владата стана политичка алатка.

Наместо да спречи злоупотреби, техничката влада често создаваше нови ризици. Наместо деполитизација ни се случи дополнителна политизација. Наместо стабилност видовме нефункционалност. Наместо доверба имавме уште подлабока конфронтација во рамки на самата извршна власт. Факт е дека партиските функционери во техничката влада не функционираа како дел од извршната власт, туку како партиски контролори. Наместо одговорност имавме паралелни центри на моќ.

Затоа е сосема легитимно да се постави прашањето: дали овој модел денес помага или повеќе штети? И навистина е неразбирливо зошто денес опозицијата одбива дури и да разговара за укинување или редефинирање на овој модел, но и за други клучни теми како јавниот обвинител, реформите во правосудството и Изборниот законик. Ако навистина верува дека институциите се узурпирани, тогаш местото за таа борба е на маса, со аргументи и предлози, а не со бојкот.
Дијалогот не значи согласување или еднострано прифаќање. Дијалогот значи соочување со реалноста, соочување со аргументите.

А реалноста е следна: ако по 11 години и по неколку изборни циклуси сè уште тврдиме дека без техничка влада не може да има фер избори, тогаш признаваме дека државата не успеала да изгради нормални демократски институции. Ако и по една деценија тврдеме дека без техничка влада не може да има фер избори, тогаш проблемот не е во моделот, туку во политичката волја да се изградат функционални институции. Тоа не е европски пристап, тоа е признавање на траен институционален неуспех и неспособност.

Укинувањето на техничката влада не смее да значи укинување на контролата. Напротив, контролата мора да се засили преку независна ДИК, јасни санкции за изборни злоупотреби, транспарентно финансирање и функционално Јавно обвинителство. Тоа се системски решенија, а не ад хок политички договори од кризно време.

Денес, техничката влада е политички рецидив, остаток од една кризна епоха што одамна требаше да биде затворена. Медицински кажано, се работи за канцер кој нè потетува на лошите времиња. Нејзиното понатамошно опстојување не е знак на демократија и прогреа, туку на неспособност да се излезе од минатото. Експресното одбивање да се разговара за неа како и за клучните реформски прашања не е само неепромисленост на лидершипот на опозицијата, туку голем чекор назад за Република Македонија.

Поврзани содржини