ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА, ИСТО КАКО СЈО, ТРЕБА ДА ЗАМИНЕ ВО ИСТОРИЈАТА Тоа беа експерименти кои донесоа повеќе штета од корист
Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел - да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго, смета Трајко Вељаноски.
Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата. Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство (СЈО), пишува поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски во објава на Фејсбук.
„Треба да говориме отворено и без лажни наративи. Овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија. Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел – да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните „благодети“ на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да ѝ се придружи. На Македонија и е потребен стабилен систем, а не вечни изнудени експерименти“ – пишува Вељаноски.