Од 22 до 28 јануари Собранието ќе ги констатира оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Парламентот Талат Џафери, соопшти Собранието.
По оставката на премиерот, претседателот Стево Пендаровски ќе треба да му го додели мандатот за технички премиер на Талат Џафери. По ова ќе следи избор на техничката влада, односно министри, заменици министри и дополнителни заменици министри. Во исто време ќе треба да се верифицира и мандат на нов пратеник од Петтата изборна единица кој ќе дојде на местото на Џафери.
– Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрнаие, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5. За сите активности и прецизни рокови ќе информираме навремено – соопштија од Кабинетот на претседателот на Парламентот по првата средба со координаторите на пратеничките групи.
Нов претседател на Собранието ќе биде актуелниот координатор на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.
До крајот на мандатот на актуелниот собраниски состав нема да има седница за пратенички прашања.
На денешната координативна средба не присуствувале претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на албанската опозиција, која најави бојкот на Собранието поради тоа што не е прифатен нивен кандидат за член на Државната изборна комисија.
Албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промена со неучеството на денешната редовна координација кај спикерот Талат Џафери го почнува бојкотот на работата на Собранието, изјави за МИА координаторката на пратеничката група Сафије Садики Шаини.
Садики Шаини нагласува дека тие ќе продолжат и со други правни мерки за бојкотирање на работата на Собранието, доколку не биде изгласан нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија – Абдуш Демири.