ТЕХЕРАН НЕ САКА ДА ГИ СНОСИ ПОСЛЕДИЦИТЕ АКО НЕ ПОСТИГНЕМЕ ДОГОВОР Трамп со предупредување до Иран и до Украина
Украина треба да седне на преговарачка маса и тоа брзо, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран за „последиците од непостигнувањето договор“ во разговорите меѓу САД и Иран оваа недела во Женева.
– Ќе учествувам во овие преговори, директно. Тие сакаат да склучат договор. Не мислам дека сакаат да ги сносат последиците од непостигнувањето договор – рече американскиот претседател пред претставници на медиумите, во претседателскиот авион „Ер форс уан“.
Претседателот на САД додаде дека Украина треба да преговара и да склучи договор „брзо“.
Се очекува руските, украинските и американските преговарачи денеска да почнат нова рунда преговори во Женева.
– Украина треба да седне на преговарачка маса и тоа брзо – рече Трамп.
Тој, исто така, истакна дека наскоро ќе има понатамошни испораки на оружје за Тајван, тема што го иритира Пекинг и неодамна го натера кинескиот претседател Си Џинпинг да издаде предупредување.
– Разговарав со него за тоа. Имавме добар разговор и многу наскоро ќе донесам одлука – рече Трамп, кој треба да ја посети Кина во април.