Тедрос: Солидарноста е клучна, никој не смее да биде заборавен

Обраќајќи се на специјалната сесија на Конференцијата за безбедност во Минхен, Тедрос истакна дека доколку не се вакцинираат сите граѓани никој нема да биде безбеден од вирусот.

249

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адана Гебрејесус, денеска повика на заедничка борба против коронавирусот, нагласувајќи дека само солидарноста и соработката можат да го победат ковид-19 и дека никој не смее да биде заборавен.

Обраќајќи се на специјалната сесија на Конференцијата за безбедност во Минхен, Тедрос истакна дека доколку не се вакцинираат сите граѓани никој нема да биде безбеден од вирусот.






Тој потсети дека минатата година во Минхен кажа дека ковид-19, што во тоа време веќе беше распространет, е многу опасен и „глобален непријател број 1“, и дека некои потоа го прашаа дали претерува.

– За жал, во последната година сите научивме неколку болни лекции и видовме колку е опасен вирусот – рече Тедрос, истакнувајќи дека, иако станува збор за глобална криза, сите земји не реагираа на ист начин, ниту сите беа погодени на ист начин.

Тој додаде дека многу земји успеале да го спречат или контролираат пренесувањето на вирусот благодарение на епидемиолошките мерки, тестирањата, физичкото растојание, намалениот контакт, носењето маски … и дека во комбинација, вакцините сега даваат вистинска можност пандемијата да се стави под контрола.

Тедрос кажа и дека се потребни неколку работи за да се разбере „целосната моќ“ на вакцините: влади кои целосно ќе ја исполнат програмата Ковакс, производители што ќе ги споделуваат вакцините со СЗО, како и граѓаните чии гласови ќе бидат слушнати.

– Кога сите луѓе зборуваат во еден глас, владите слушаат – рече Гебрејезус.

Тој ја истакна важноста на фер дистрибуција на вакцините, за кои вели дека сега се ограничен ресурс.

– Повеќе вакцини се развиени, одобрени и произведени. Засега, количествата на вакцината се ограничени, па ние мора да ги користиме што е можно поефикасно – рече шефот на СЗО.

Тедрос изјави дека најважната работа во борбата против пандемијата е вербата во солидарноста, што, додаде, почнува од националното единство.

– На национално ниво, секој мора да работи заедно за да го победи овој непријател. Можеме да имаме политички разлики, но да не го политизираме прашањето за вирусот, борбата против него не обединува. Националното единство е најважно и е основа на глобалното солидарност – рече Тедрос.

Без солидарност и соработка, вирусот, рече тој, не може да се победи.

– Само со соработка и помагање едни на други можеме да го победиме – рече Тедрос и додаде дека ако не бидат вакцинирани сите граѓани никој нема да биде безбеден од вирусот.

Поврзани содржини