ТАЖНО Е ДО КОЕ ДЕРЕЏЕ СЕ ДОВЕДЕ НЕКОГАШНАТА ДРЖАВОТВОРНА ПАРТИЈА Од ЗНАМ одговорија на „фабриката за навреди“

Движењето ЗНАМ ја обвини СДСМ дека од партија со државничка традиција се претворила во „фабрика за навреди“, со арогантна реторика и без одговори за сопствените неуспеси. Во реакцијата се посочува дека наместо политики, опозицијата нуди етикетирања, лични дискредитации и отворање фронтови со сите.

0

СДСМ повторно бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации и кога немаат аргументи, измислуваат приказни, обвинува движењето ЗНАМ во реакција до опозициската СДСМ.

„Навикнати на политички памфлети наместо на политики, од СДСМ денес нудат озборувања наместо одговори за сопствените неуспеси. Наместо да објаснат зошто државата ја доведоа до економска и институционална криза, тие се занимаваат со трач муабети и со тоа кој кому му пишувал соопштенија“, велат од ЗНАМ.






Понатаму во соопштението се вели дека е тажно до кое дереџе се доведе некогашната државотворна партија, партија која се темелеше на историја, на државност и на одговорност кон народот, денес, за жал, сведена е на фабрика за навреди, конструкции и политички отров.

„Од субјект што требаше да биде столб на стабилноста, се претвори во симбол на нервоза и очај, со улична реторика, како резултат на години ароганција, злоупотреби и оттурнување од граѓаните. Колку повеќе етикетираат и навредуваат, толку појасно станува дека проблемот не е во другите, туку во нив самите“.

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија истакнува дека, не е ничија „квислиншка група“, туку, како што се вели во соопштението, „автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани токму од таквото владеење на СДСМ – со криминал, клиентелизам и партизација!“

Понатаму ЗНАМ потсетува на владеењето на СДСМ и ја критикува и некогашната влада на екс-лидерот на партијата СДСМ, Зоран Заев:

„Да потсетиме, бидејќи очигледно СДСМ има селективна меморија: Во време на нивното владеење, државата ја водеа луѓе кои со „рачето на срце“ ветуваа чест и одговорност, а оставија длабоки поделби и сомнежи.

Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис.

Симболиката на едно евро за Вицето, едно за црквата, беше само дел што нештото го докажува.

Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење“, реагира ЗНАМ.

Понатаму ЗНАМ го критикува раководството на новиот лидер на СДСМ, д-р Венко Филипче:

„Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори.

Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина.

Опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. „српски свет“ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинари, е проблем што треба да си го решат во сопствениот двор.

Република Македонија не е ничија приватна платформа за договарања, ниту на фрустрациите на едно раководство кое не може да се помири со губењето на довербата од граѓаните, туку суверена држава со институции што треба и мора да функционираат јавно, отчетно и транспарентно“, соопшти движењето ЗНАМ.

Поврзани содржини