Тажната слика на Македонија

Кога некој не може да сработи нешто доволно добро – а ако станува збор за државни работи од највисок интерес тоа значи дека работите мора да се сработат одлично! – логично е да се повлече, да отстапи место на други кои претендираат тоа да го сработат подобро. Но тоа го прават само културни, воспитани и умни (не само) политичари.

1,028

Кога го слушате Османи, кој во името на властодржечката врхушка, апсурдно самозадоволно тврди дека „Никогаш нема да може да се смени преговарачката рамка“, не може да не ве фати жал и бес. Жал поради тажната, самоуништувачка слика што Македонија ја еманира денес, бес поради неодговорноста и неспобноста на една група од десетина полуписмени политиканти кои во име на цела држава „испреговарале“ и потпишале нешто што нормален човек не би го направил. Нивното неискуство, неупатеност, неукост… но и нивното лакејство просто рее од секој нивни збор, од секоја реченица со којашто се обидуваат да си ја оправдаат глупоста: „не можевме да добиеме подобар договор“!

Кога некој не може да сработи нешто доволно добро – а ако станува збор за државни работи од највисок интерес тоа значи дека работите мора да се сработат одлично! – логично е да се повлече, да отстапи место на други кои претендираат тоа да го сработат подобро. Но тоа го прават само културни, воспитани и умни (не само) политичари. Оваа македонска политикантска багра не ја пушта власта ни „за жива глава“ и кога работи во полза на штетата на целата држава, па дури и цинично порачува преку оној веќе ноторно смешен вицепремиер дека „Предвремени избори може да има само ако опозицијата се согласи да гласа за уставните измени“.






Македонскиот граѓанин ова не го заслужил, Македонија не ја заслужува оваа и ваква тажна слика што ја прикажуваме пред светот само заради глупоста на еден грст луѓе кои успеале да ја измамат Европската унија и „стратешкиот партнер“ дека се способни да ја интегрираат државата во ЕУ. По секоја цена, што во превод значи – без цена, џабалак, само заради задржување на власта и грст нови лични привилегии! Но зошто нивната ниска цена треба да биде и наша цена, зошто нивната простотија и незнаење треба да биде и наш срам пред меѓународната заедница?

И зарем таа и таква меѓународна заедница сосе нејзините емисари и понатаму не гледа дека овие политиканти, кои малоумно во нивните „политики“ оперираат дури и со поими „никогаш“ и „засекогаш“ само за да ја заплашат јавноста, не уживаат ама баш никаков углед во народот? Дека нивните глупости, диригирани токму од таа „меѓународна заедница“ веќе служат за потсмев и лакрдии во јавноста. Зарем ЕУ и „стратешкиот партнер“ не го следат и сопствениот рејтинг овде произлезен токму од поддршката на такви кримогени ликови? Па дури ништо не им значи ни констатацијата на нивниот екс-амбасадор во земјава Фуере за „длабоко вознемирувачкиот преседан што го постави ЕУ во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија“!

Од друга страна, кога нашиот закочен евроингративен процес би бил единствениот проблем на оваа држава и оваа неспособна власт, тогаш таа „меѓународна заедница“ би имала полно право од македонскиот граѓанин да очекува кооперативност и подготовеност дури и на такви жртви какви што се запишани во „Преговарачката рамка“ (а коишто сите упорно ги премолчуваат!). Или кога несогласувањето со тој матен евроинтегративен процес би бил само некаков каприц и/или инает на само една партија од опозицијата, тогаш овој веќе непристоен секојдневен притисок на меѓународна заедница во убедувањето на таа една партија би бил логичен па и добредојден. Меѓутоа, кога со нејзината диоптрија за нашата иднина не се согласува целата опозиција – но и видни претставници токму на партиите на власт! – и речиси 70% од македонското граѓанство, тогаш – што? Сите ние сме глупави, не разбираме ништо, само оние десетина шушумиги од власта и оние шеесетина пратеници што гласаат за сѐ и сешто се од Бога дадените умни? Сосе оние високи претставници на доскорешните радикално комунистички режими кои со децении веднеа глава и молчеа под руска или домашна генералска чизма а сега глумат големи демократи?

Кога земјава комплетно се распаѓа пред налетот на криминалните и политичките мафии, кога судскиот систем одамна наликува на циркус „Медрано“, кога неспособни и неодговорни функционери стасани за пензија глумат воени стратези и сакаат да отвораат разноразни фронтови, кога стандард за изградба на болница кај нас е три децении и таа се уште не е готова, кога власта крие од јавноста меѓународни договори што надминуваат вртоглави цифри од 1,5 милијарди евра, кога партократијата намерно го гуши Скопје во ѓубре заради заштита на своите партиски војници… уставните измени ли ни се најголемиот проблем? И што мислат оние тројца „високи“ претставници на Австрија, Чешка и Словачка, ќе ги снема ли преку ноќ спомнатите катастрофични примери веднаш по измените на Уставот?

Ќе нѐ спасат ли тие, или новиве што ќе дојдат од Германија, Франција и Полска, од новата коруптивна шема за медиумите планирана од страна на Владата и враќањето на медиумската контрола од времето на Груевски? Ќе ги видат ли конечно и тие крајно автократските тенденции на оваа власт, нивната длабока инволвираност во сите, буквално сите, криминални дејствија во државава и нивната дволичност пред меѓународната заедница?

И ќе стаса ли тогаш со „брза пошта“ во земјава онаа долгоочекувана „трикафта“ после цела година молење од пациентите, ќе ги избрка ли ЕУ од своја територија македонските партиски војници со две плати – наша и нивна, ќе запре ли загадувањето на земјата со нови опасни рудници, нема ли понатаму да унапредуваме судии и обвинители со кривични пријави, ќе добие ли Македонија конечно писмени премиери, претседатели и министри…? Ќе ни го ветат ли сето ова, па и многу други бајковити нешта и следните „високи гости“ со кои се фали Османи? На пример, ќе стане ли Македонија пристојно место за живеење и ќе ја снема ли оваа тажна слика за државата и луѓето во неа?

Нема, се разбира, и тие тоа веднаш отворено ќе ви го кажат: тоа, наводно, зависи само од нас. Целиот наш веќе одамна тажен живот зависи само од нас, а од нив – менувањето на името на државата и внесувањето на Бугарите во Уставот, со исполнување на сите последователни наши ветувања запишани во проклетите протоколи. Иако, особено во македонскиот случај, не е точно дека баш сѐ зависи од нас бидејќи главна потпора на оваа, и на претходната власт, кои здружено ја завиткаа државата во оваа патетична копрена, се токму ЕУ и „стратешкиот партнер“. Да не беше така, тие одамна ќе беа минато свршено време, распоредено низ неколку добро чувани затвори во земјава!

Поврзани содржини