Тавилах: Не може да се предвиди кога вакцините од КОВАКС ќе стигнат во земјата

Претставничката на СЗО во земјава вели дека не препорачува вакцинирање на бремените жени. Според доказите со кои се располага во моментов, вакцинација со ковид-19 може да се понуди без оглед дали лицето имало симптоматска или асимптоматска инфекција со SARS-CoV-2.

262

Тешко е да се предвиди точниот датум кога вакцините од КОВАКС механизмот би пристигнале во земјава, но веќе е најавено дека испораката на вакцините преку овој систем на државите-учеснички во механизмот би можела да почне за време на првото тримесечие од 2021 година.сепак,  тоа зависи како од поволните регулаторни одлуки, така и од подготвеноста на здравствениот систем и на националниот регулаторен систем во секоја од поединечните земји. Доколку нема проблеми во делот на регулаторните одлуки или во делот на подготвеноста на државата, намерата е првичните дози од вакцината да им бидат испорачани на сите земји-учеснички во КОВАКС механизмот истовремено или што поблиску до таа цел.

Ова во интервју за МИА го истакнува д-р Џихан Тавилах, претставник на Светската здравствена организација во земјава.






Таа информира дека засега СЗО даде одобрение само за вакцината Pfizer Ковид-19 (BNT162b2), а во тек на одобрување се уште 12 вакцини. Од нив три се во завршната фаза од оценувањето, а две други се во фазата на доставување на потребните податоци до СЗО.

– Зголемената циркулација на вирусот преку неговото ширење кај населението веројатно ќе резултира со повеќе мутации, а некои од нив може да имаат различни импликации. Затоа е важно луѓето да се вакцинираат кога вакцината ќе стане достапна. СЗО не препорачува вакцинирање на бремените жени. Според доказите со кои се располага во моментов, вакцинација со ковид-19 може да се понуди без оглед дали лицето имало симптоматска или асимптоматска инфекција со SARS-CoV-2. Вакцините се проучувани на различни групи од населението и утврдено е дека се безбедни и подеднакво ефикасни и кај лицата со познати медицински проблеми како на пример висок крвен притисок, шеќерна болест, астма, белодробни заболувања, заболувања на црниот дроб или на бубрезите, како и кај оние со хронични инфекции кои се стабилни и контролирани. Колку повеќе луѓе ќе се вакцинираат, толку повеќе циркулацијата на вирусот ќе се намали, а со тоа и неговиот потенцијал за нови мутации и варијанти –  вели Тавилах.

Тавилах вели дека  вакцината BNT162b2 не треба да се дава на лица со позната историја на тешка алергиска реакција на полиетилен гликол, затоа што овој производ, кој е една од компонентите на вакцината, може да предизвика анафилакса.

Според неа, важно е и натаму да продолжиме со општите заштитни мерки за кои знаеме дека се делотворни против ширење на заразата, како што се миењето раце и носењето маска сè до моментот кога опфатот со вакцинација ќе биде таков што ќе почне да предизвикува „имунитет на стадо“, познат и како „имунитет на популацијата“, а на овој начин се обезбедува и индиректна заштита од заразна болест која се јавува кога кај одредена популација ќе се развие имунитет преку широкораспространета вакцинација.

 

Поврзани содржини