ТАВ И СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ НЕ ПРОДАВААТ ИЗГУБЕН БАГАЖ Лажни профили на социјалните мрежи сакаат да изнудат податоци од граѓаните
ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Aеродромот Св. „Апостол Павле“ Охрид, ја известува и ја предупредува јавноста за лажни страници и профили на социјалните мрежи преку кои наводно се продава изгубен багаж на аеродромот.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, ја информира и ја предупредува јавноста дека има лажни страници и профили на социјалните мрежи, на кои наводно се продава изгубен багаж на Меѓународниот аеродром Скопје.
– Ова се лажни објави на социјалните мрежи преку кои се шират лажни информации за наводна продажба на изгубен багаж во име на Меѓународниот Aеродром Скопје, односно аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, а понатаму, корисниците се пренасочуваат на линкови до веб-страници, каде што се бараат лични податоци и детали од банкарски сметки со цел да бидат измамени да направат трансакција. Затоа, апелираме до јавноста да бидат внимателни додека се онлајн, особено кога се бара да ги вметнат своите лични податоци и детали за трансакциски сметки, кои може дополнително да бидат злоупотребени – велат од ТАВ Македонија.
Оттаму додаваат дека како сериозна и одговорна компанија која се грижи за своите клиенти, ќе ги преземат сите правни мерки за заштита на својот углед, особено затоа што во аеродромската дејност изгубениот багаж им се враќа на сопствениците согласно утврдена процедура, односно со изгубениот багаж никогаш не се тргува.
– Ја потсетуваме јавноста дека сите официјални информации и новости во врска со и за Меѓународниот аеродром Скопје може да се најдат на веб-страницата на Меѓународниот аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/mk-MK/; како и на нашите страници на социјалните мрежи: Фејсбук-страница: https://www.facebook.com/SkopjeAirport; Инстаграм страница: https://www.instagram.com/skopjeairport/; и Твитер страница (X): https://x.com/skopjeairport – велат од ТАВ Македонија.
Сите други веб-страници и страници на социјалните мрежи на кои луѓето може да наидат, лажно се претставуваат и немаат никаква врска со Меѓународниот аеродром Скопје и дејноста на ТАВ Македонија, нагласуваат од компанијата.