ТАТКОТО НА ВАЊА ЃОРЧЕВСКА БАРА ДА МУ СЕ УКИНЕ ПРИТВОРОТ Тврди дека не познавал никого од осомничените за убиството на неговата ќерка
Ѓорчевски треба и натаму да остане во притвор, бидејќи степенот на сомневање во него е висок - порача Вишата обвинителка Фатиме Фетаи, која го застапува обвинителството.
Александар Ѓорчевски, таткото на 14-годишната Вања која беше киднапирана и убиена во ноември минатата година, денеска пред Апелациониот суд на јавна седница побара да му се укине мерката притвор. Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Тој од декември е во притвор во Шутка.
Ѓорчевски пред судот изјави дека не познава никој од осомничените, вели за Телма неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ. Седницата беше јавна, но во последен момент бил известен и Туфегџиќ.
Тој денеска од затворот во Шутка беше донесен во Скопска апелација, каде на јавна седница водена од судијката Тања Милева го образложи барањето да биде пуштен во куќен притвор или да му бидат одредени мерки за претпазливост.
Љупчо Палевски Палчо кој е во екстрадициски притвор во Турција, е осомничен дека ја убил Вања и велешанецот Панче Жежовски. Останатите осомничени Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски исто така се во притвор.
Вишата обвинителка Фатиме Фетаи, која го застапува обвинителството во оваа фаза пред судот, рече дека треба да се одбие жалбата, бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, а секако и поради мотивот со кој е сторено кривичното дело, изнуда на пари, односно користољубие.
– Ѓорчевски треба и натаму да остане во притвор, бидејќи степенот на сомневање во него е висок – порача Фетаи пред судот.
Туфегџиќ вели дека Ѓорчевски поминува низ голгота и доживува уште една трагедија. Тој за А1он потврди дека го известил судот и дека во КПУ затвор „Скопје” се врши тортура врз Ѓорчевски за што бил известен и надлежниот обвинител.
– На советот му е укажано дека кон осомничениот се врши тортура во притворската единица на КПУ Затвор Скопје, со тоа што е испитуван во притворската ќелија на начин под секое достоинство, во стоечка положба свртен со лицето кон sидот за да му се изнуди признание и дека за ова на 18.01.2024 година писмено е известен Јавен обвинител. Осомничениот се приклучи кон жалбата и изјави дека не му е јасно зошто е сето ова бидејќи никого од осомничените не познава – вели Туфегиќ.
Туфегџиќ очекува Апелациониот суд брзо да ја донесе одлуката, бидејќи притворот на Ѓорчевски е продолжен до 5 март.
МВР и обвинителството врз основа на исказите на осомничените, соопштија дека Палевски им кажал дека Ѓорчевски му ги дал информациите за тоа кога Вања ќе го напушти нејзиниот дом и дека ќе биде сама. Ѓорчевски и за време на распитот во обвинителството негирал било каква инволвираност во киднапирањето и убиството на неговата 14-годишна ќерка.