ТАТКОТО НА ВАЊА ИМ БИЛ ЧУДЕН НА ПОЛИЦАЈЦИТЕ Кумот Гоце ја набавил снимката од бензинската во Велес на која се гледа возилото на Панче
Помошникот началник на СВР Скопје сведочеше дека додека полицајците ја барале Вања низ Капиштец, таткото Александар за сето време седел во возилото и велел дека таа е убиена и киднапирана и дека џабе ја бараат.
Првиот впечаток за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, на полицајците им бил дека е чуден и конфузен во изјавите.
Ова го истакна Музафер Каришиќ, кој во времето на убиството бил помошник началник на СВР Скопје за криминалистички работи, на денешното рочиште за судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Тој го имал првиот контакт со родителите на девојчето, кога таа исчезнала.
– Од моментот кога имаше пријава за исчезнато девојче јас бев информиран од началникот на СВР Скопје, имав ингеренции да ги координирам службите. Веднаш контактирав со надлежната станица во која е пријавено исчезнувањето. Од таму ме информираа дека се преземени сите мерки и дејствија по пријавата. Постапката за исчезнато лице се пријавува на подрачното место каде што лицето е исчезнато. Доцна вечерта се вклучивме и ние како старешини, бидејќи се појавуваа написи дека девојчето е киднапирано. Првата средба со родителите на Вања беше на денот на пријавувањето во вечерните часови. Тогаш ние директно се вклучивме во работата, отидовме да видиме што е сработено и што да се преземе. Тогаш за прв пат ги видовме родителите. Мајката беше посталожена. Првиот впечаток за таткото беше чуден за мене, но и за колегите. После разговорот анализиравме дека тој беше конфузен, потиштен во многу изјави и за многу работи кои ние го прашувавме. Девојчето не било скарано со родителите. Сите полициски службеници, сите униформирани полицајци, сите старешини беа вклучени во дејствија за пребарување – изјави Каришиќ.
Музафер Каришиќ како сведок беше предложен од Обвинителството.
– Разговорите со родителите и со семејството почнас пред Полициската станица „Беко“, се бараше да се изврши пребарување на терен. Сите полициски униформирани службеници и цел старешински кадар беше вклучен во овие дејствија. Пробавме да преземеме конкретни дејствија, да не губиме време. Роднина од мајката Зорица се понуди заедно да го работиме овој случај. Се договоривме со роднината на Зорица, Зоран да дојде со нас и да ни помогне во пребарувањето. Мајката во канцеларија рече дека има стан во Капиштец ама немаше клучеви. Александар имаше, јас побарав да одам во станот. Тогаш Александар бараше да почне да се бара девојчето. Александар се качи во кола, јас бев напред, влеговме во подрум во гаража, се качивме со лифт. Станот го отвори Александар, беше празен. Цело време велеше дека е убиена и киднапирана, дека си го губиме времето. Кажаа дека дел од Капиштец не е поминат и дека со роднината на Зорица ќе го поминеме Капиштец, има скривници, голем парк, тргнавме ама по пат цело време Александар велеше дека џабе одиме, џабе бараме, ама ајде ќе одиме. Тој остана во кола, запали цигара не излезе со нас. Јас и роднината свртевме цел парк и скривници и се запрашавме зошто не излегува од возилото. Не ми беше јасно – рече Каришиќ.
Тој додаде дека таткото Александар велел дека немале закани, немале непријатели, не се должни никому.
– Во наредните денови Александар ми се јавуваше, ми пушташе пораки, одредени слики, беше упорен дека Вања е киднапирана и убиена. По некое време се појави Гоце, прв пат го видов, 10 минути разговаравме, мислев Александар има нешто ново да ми каже, но истото го зборуваше „дајте да најдеме канали, да контактираме мафијаши, дали бараат откуп, сигурно е убиена“. Прашав кој е Гоце, ми рече „стар пријател, старо кумство, 20 години се немаме видено, но сега ми помага, гледавме една снимка од некој што стоеше кај зградата и гледаше, видов дека лицето стои спроти влезот“. Влезот можеше да го фати камера од една куќа, но кабелот од таа камера беше исечен. Гоце набави снимка од бензинска пумпа од Велес, каде се гледаше возилото на Панче. Јас во тој момент сѐ уште не знаев дека тоа е возилото. Гоце рече дека ја набавил снимката од пријател што работи на бензинската – рече Каришиќ.
Тој одговараше и на прашањата на адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ.
Тој праша по што заклучил Каришиќ, дека Александар е чуден, а мајката Зорица е смирена.
– Да, сомнителен и чуден. Не мислам дека мајката немаше последици, беше потресена, но многу посмирена во насока на киднапирано дете. Беше конфузен во изјавите и тврдеше дека е киднапирана и убиена. Од првата средба во ЕБР Центар изјавите му беа дека таа е киднапирана и убиена. Тоа го повторуваше и пред други. Велеше „џабе ја барате, убиена е“. Не можевме да работиме, ни пречеше – рече Каришиќ.
Туфегџиќ праша: „Дали вие вашите заклучоци за Александар сте ги оформиле без да знаете било што за личноста на Александар, кој е природно конфузен и за многу нешта има свои теории кои не се совпаѓаат со општите?“.
– Јас не донесов суд за Александар. Немавме забелешки за неговото однесување во истрагата, освен што често ни велеше „џабе ја барате, убиена е“ или велеше „дајте мафијаши да бараме, откуп да не бараат“.
На прашањето за кумот Гоце, Каришиќ рече:
– Гоце се појави како граѓанин кој чувствува должност да помогне. Се интересираше до каде е, сѐ што ми дал, ми испратил е документирано. Не донесов суд дека Гоце е чесен, туку тој го кажа тоа дека како лојален и чесен има должност. За нас и Гоце е недефиниран. Тие не ми нудеа нови информации кога ми се јавуваа, туку сакаа од мене да чујат – рече Каришиќ и додаде дека поврзаноста на двете убиства почнала во моментот кога се нашло телото на убиената Вања Ѓорчевска.
Туфегџиќ го праша Каришиќ дали бил присутен кога му вршеле тортура на Александар кога бил приведен, дали рекол „немојте, не го тепајте, дајте да го испитаме, да видиме дали има нешто друго“, на што помошникот началник рече „не“.
Судијата го праша Каришиќ дали снимката од Гоце им била дадена кога немало сомневања за поврзаност на двете убиства.
– Да, во тој момент немаше сомневања дека случаите се поврзани. Гоце рече дека снимката му е од братучед кој работи на пумпата. Не ни беше јасно зошто ни ја дава, велеше „сакам да ви помогнам“. На камери го видовме „кангото“ како вози пред „цитроенот“, но не знаевме кој е во „цитроенот“, додека не ни кажа Кешишев кога ја најдовме Вања, дека во „цитроенот“ е Боре каратистот – рече Каришиќ.
Тој додаде дека комуникација со Александар почнала вечерта после исчезнувањето на Вања.
– Таа вечер се движевме заедно до Капиштец и Водно. Следното видување ни беше пред зградата кога се видовме и со Гоце. Нѐ интересираше зошто тргнал во тој правец, кон Блаце. Ни рече дека тргнал кон „Александар палас“, па Качанички пат, истиот реон каде ја однеле Вања – рече Каришиќ одговарајќи на прашањата на судијата.