ТАТКОТО НА ВАЊА ЦЕЛО ВРЕМЕ СВЕДОЧЕШЕ СО ЗАТВОРЕНИ ОЧИ Гоце се обидел да отиде кон селото Бразда кога дознал за запалениот „цитроен“, но таму сѐ било блокирано

Таткото Ѓорчевски рече дека во ниеден момент не помислил и не ни сакал да помисли дека Вања е убиена. Рече дека Гоце му кажал на инспекторот Музафер Каришиќ за сознанијата од Сејф сити, за чаршиските муабети и за искуството на неговиот роднина од Велес за блиската средба со Панче на бензинската пумпа. Ѓорчевски гледал единствена надеж во снимките од Сејф сити.

1,095

Обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, за време на денешното сведочење во судот цело време зборуваше со затворени очи. Тој со часови одговараше замижан на прашањата на двете обвинителки.

Судијата Ивица Стефановски во текот на рочиштето ја опомена обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска да му поставува конкретни прашања на Ѓорчевски, а таа рече дека сака да го дисквалификува сведокот.






Ѓорчевски рече дека во ниеден момент не помислил и не ни сакал да помисли дека Вања е убиена. Рече дека Гоце му кажал на инспекторот Музафер Каришиќ за сознанијата од Сејф сити, за чаршиските муабети и за искуството на неговиот роднина од Велес за блиската средба со Панче на бензинската пумпа. Ѓорчевски гледал единствена надеж во снимките од Сејф сити.

Тој рече дека со последни сили се обидувал на суптилен начин да ги наведе полицајците на правиот пат во истрагата. Тоа што го дознавал преку Гоце им го пренесувал за да престанат да ја бараат Вања во Шведска, дека се регрутирала во ИСИС, дека отишла во Тетово итн. Тој кажуваше и за тоа како со Музафер отишле да ја бараат Вања на Средно Водно.

– За тоа некое фамозно знаменце од ИСИС и дека Вања се регрутирала во ИСИС слушнав од сведокот Дејан Димовски, како и дека за тоа алармирале и некои меѓународни организации за борба протов тероризмот. За тоа со ИСИС слушнав во полициска станица. Едно од нивните апсурдни обвинувања беше дека сум ѝ ги инсталирал ИСИС на компјутерот – рече Александар и додаде дека тој и Зорица контактирале со момчето Јоаким од Шведска.

Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска го праша Ѓорчевски зошто не излегол од возилото кога биле со инспекторот Музафер Каришиќ да ја бараат Вања во парк.

– Јас излегов од возилото, запалив цигара. Знаев дека Вања не е таму, и Музафер знаеше дека не е таму. Одглуми дека ја бара во радиус од 150 метри и се врати во колата. Сакам да повторам, дека јас чувствував дека тие имаат сомнеж кон мене, а тие се однесуваа кон мене како да сум ретардиран. Сето тоа возење наоколу беше глума. Се обидуваа да дознаат нешто, за да го употребат протв мене. Градеа случај против мене. Не ја бараа Вања таа вечер. Од други причини ми рекоа да се повозиме – рече Александар.

Обвинителката го прашуваше Александар зошто Договорот за дар на становите кој бил потпишан на 10.04.2023 до 03.12.2023 година не бил солемнизиран кај нотар.

– Можевте да ја прашате Зорица дали во некој момент сум ретерирал или сум ја одбил солемнизацијата. Становите беа на мое име, да сум бил таков човек, монструм,, за каков што ме претставувате од самиот почеток и ме понижувате и мене и моето семејство, за кое цинично говоревте дека ништо не сме работеле, ќе сум ѝ дал на Зорица негативен одговор. Немало да ѝ дозволам повторен трансфер на станот, а згора на тоа и мојот стан да го препишам на децата, туку становите би биле предмет на продажба – рече тој и додаде дека не знае каква врска има имотот со другите обвинети.

Обвинителката сакаше да нагласи дека за претходните договори за дар на недвижен имот, солемнизацијата била завршена многу брзо, а оваа последната се одолговлекувала. Ѓорчевски објасни дека претходната солемнизација за станот била завршена брзо зашто биле притиснати од рокот за развод. Тој рече дека иако звучи контрадиторно, можеби бил опуштен затоа што веќе го завршил целото трчање за становите и немало притисок од Зорица, па самиот си дал рок тоа да го направи до новата 2024 година.

На прашање од обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска, Александар рече дека во текот на истрагата имало потреба полицијата да влезе во подрумот на зградата од која е грабната Вања. Тогаш од соседот дознал дека објектот и галеријата во подрумот сѐ уште се водат на Упа, односно на Љупчо Палевски, а реален сопственик бил некој човек, сопственик на хотел „Арка“.

Втор пат за Палевски слушнал кога го прашувале во полициска станица.

– Ме прашуваа дали го познавам монструмот. На прашањето „кој монструм?“, ми одговорија „Љупчо Палевски“. Јас ги прашав, мислите на човекот што ја правел зградата, а тие иронично ми одговорија „не се прави дека не знаеш“ – рече Александар.

На прашањето од обвинителката за информацијата дека во понеделник на 27 ноември помалата ќерка Миња нема да има класен час, Александар рече дека пораката за отсуството на класната стасала во групата на Фејсбук кај Зорица во која тој не бил член, зашто немал профил на Фејсбук. За тоа бил известен од Зорица.

Обвинителката го праша за комуникацијата со началникот Дејан Димовски и дали нему му пратил скриншот од „цитроенот“ од камерите од фризерницата.

Кога го гледавте „цитроенот“, точно ли е дека не се гледа ниту регистрациската ознака ниту марката на возилото – праша обвинителката.

– Точно е. Гоце го препозна дека е „цитроен“. Не се гледаа таблиците ни колкумина се во возилото. Прво дознавме од Сејф сити за „цитроенот“, а потоа од социјалните мрежи за велешанецот, дека е запалено возило и тоа беше во размак од неколку денови – рече Александар.

Точно ли е дека кога вие испраќате скриншот на Дејан Димовски од камерите од фризерницата, тој веднаш ви вели „да, да, го знам“ – праша обвинителката.

– Не се сеќавам. Јас имав перцепција дека и да знаат, мене не ми кажуваат. Јас доцна навечер дознав од Гоце кој ми покажа исечок дека е најдено запалено возило. Тој вечерта дури и се обидел да отиде кон селото Бразда, на лице место, но целиот сектор бил обезбеден од полицијата и не пропуштал возила – рече Александар.

Обвинителката го прашуваше како со плата од над 28.000 денари успеал да има заштеда, а Александар одговори дека заштедата се акумулирала до моментот на отказот, од плати, кирии, и од продажба на плац во атарот на Кучково.

Тој наведе дека нивата во Стопански Двор била огласена за продажба од 2010 година, во континуитет, а не како што рече обвинителката на 24 ноември 2023 година.

Во врска со сопственоста на станот на улицата Наум Наумовски Борче, тој рече дека не знае сега кој е официјален сопственик.

– Во катастарска евиденција се водам јас како сопственик, но во евиденцијата на Град Скопје се водат децата како сопственици – рече Ѓорчевски.

ЃОРЧЕВСКИ БАРАЛ ДА БИДЕ СТАВЕН НА ДЕТЕКТОР ЗА ЛАГИ Убиениот Панче сакал да наполни бензин во кантичка, но бил одбиен на бензинската во Велес

 

 

ОБВИНИТЕЛКАТА САКА ДА ГО ДИСКВАЛИФИКУВА ТАТКОТО НА ВАЊА КАКО СВЕДОК Го праша каков ученик бил, а тој рече дека нему и на Шекеринска сакале да им ги сецираат мозоците за да видат што има во нив

Поврзани содржини