ТАСТАТУРИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ СУД СЕ РАСИПАНИ Работна група на Судскиот совет ќе испитува кој ја исклучил опцијата „копи-пејст“

Судија-кривичар на порталот Призма му кажал дека во записникот од објавата на пресудата за „Таргет-Тврдина“ не бил ископиран диспозитивот на обвинението, што е најверојатно технички пропуст, поради кој пресудата морала да падне. Судијата-кривичар изјавил дека станува збор за пропуст на записничарите, кои треба со копи-пејст да го внесуваат диспозитивот во записникот од главната расправа.

1,404

Работна група на Судскиот совет ќе го посети Кривичниот суд во Скопје, со цел да утврди кој и зошто од тастатурите на компјутерите на судскиот записничар кој го составувал записникот за пресудата за „Таргет-Тврдина“ била исклучена опцијата „копи-пејст“, дознава Плусинфо од судски извори.

– Постои опасност сите тастатури на компјутерите во Кривичниот суд во Скопје да се расипани, а тоа може да предизвика суштествени повреди во кривичните постапки, поради кои во последно време драстично е намалена довербата на граѓаните во правосудството. Веројатно станува збор за сајбер напад во рамките на хибридната војна што се води против Северна Македонија. Со тој предизвик мора итно да се соочиме – изјави Весна Дамева, претседател на Судскиот совет.






До ова доаѓа откако порталот Призма, повикувајќи на свој извор, го анализираше решението со кое скопскиот Апелационен суд ја укина пресудата за масовното прислушување во предметот „Таргет-Тврдина“, под притисок на јавноста и на Врховниот суд.

Апелационите судии немале многу тешка задача да го укинат предметот. Тие нашле дека во првостепената пресуда не бил напишан описот на кривичните дела за кои обвинетите биле огласени за виновни. Овој процедурален преседан е од таков карактер, што второстепените судии морале да ја укинат пресудата.

„Со други зборови, тоа значи дека во записникот од објавата на пресудата не бил ископиран диспозитивот на обвинението, или правно речено, изворникот (изреката на пресудата содржана во записникот за главна расправа) и писмениот изготвен примерок на пресудата не соодветствуваат. Иако изгледа дека станува збор за технички пропуст, Законот за кривична постапка пропишува дека само поради тоа пресудата треба да падне“, пишува Призма.

Судија-кривичар изјавил дека станува збор за пропуст на записничарите, кои треба со копи-пејст да го внесуваат диспозитивот во записникот од главната расправа. „Останува енигма зошто диспозитивот не бил ископиран“, тврди Призма.

Енигмата сега треба да ја реши работната група на Судскиот совет, која треба да утврди и одговорност за пропустот.

(Веста е сатирична)

Поврзани содржини