Изборот на кандидати за локалните избори во октомври во коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе започне на 15 јуни, а на 15 август ќе бидат објавени кандидатите за сите општини каде ќе се натпреварува оваа коалиција, најави денеска на прес-конференција генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.
Тој рече дека ќе се обидат да соработуваат со која било партија, вклучително и со ВМРО-ДПМНЕ, со СДСМ и со ромски или со турски партии.
– Алијансата за Албанците заедно со Алтернативата ќе има соработка со повеќе партии. И македонски и албански, турски, ромски. Со сите партии кои имаат кредибилитет во општините каде што се натпреваруваме – рече Таравари.
Алијанса за Албанците се уште нема став за резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и најави дека во следните неколку дена ќе донесе конечна одлука за предлогот на најголемата опозициска партија.