ТАРАВАРИ ИЛИ СЕЛА, ПРАШАЊЕ Е СЕГА! Алијанса денеска одржува Централно собрание
Во четвртокот се одржа паралелен состанок на членовите на собранието, кој Таравари го свика во Куманово.
Во Скопје денеска ќе се одржи Централно собрание на Алијанса за Албанците, кој го свика поранешниот лидер на оваа партија и претседавачот со ова партиско тело Зијадин Села. Од оваој состанок ќе се види кој од двајцата лидери, поранешниот Села, и актуелниот Арбен Таравари, ја има поддршката во ова највисоко тело на партијата.
Партискиот лидер Арбен Таравари, како што најавија од неговиот табор, нема да присуствува на состанокот, кој доаѓа по жестоките јавни конфронтации со Села околу настапот на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај. Крилото на Села се залага за самостоен настап на изборите, а лидерот Таравари за заеднички настап со опозицискиот Европски сојуз за промени.
Села претходно најави дека ќе се бара одговорност од Таравари, па како прва точка на дневен ред е извештајот околу политичките случувања во врска со наредните претседателски и парламентарни избори. Се очекува да се дискутира и околу одлуката на Претседателството на партијата од октомври лани за настапот на парламентарните избори закажани за 8 мај.
Во четвртокот се одржа и паралелен состанок на членовите на собранието, кој Таравари го свика во Куманово. На овој состанок, според организаторите, присуствувале 75 од вкупно 130 членови на партиското собрание, кои му дале поддршка на Таравари.
Актуелниот лидер на партијата го поддржа и Академијата на АА, двајца министри од редовите на оваа партија Фатмир Меџити и Али Алију, кои по кратка постапка синоќа беа разрешни, како и двајца пратеници од пратеничката група на партијата.