ТАРАВАРИ ЈА СВРТЕ ПЛОЧАТА КОГА МУ ПРОПАДНА ПЛАНОТ ЗА ПАРКИРАЊЕТО ВО КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР Ристески е уверен дека нема да го следат сите функционери од Алијанса
Ова е одлука на господинот Таравари, не би рекол дека и на неговата партија. Не знам дали комплетно сите партиски функционери ќе застанат заедно со него, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.
Одлуката за напуштањето на Владата од страна на министерот за здравство Арбен Таравари е негова лична одлука, а не и на неговата партија, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.
– Ова е одлука на господинот Таравари, не би рекол дека и на неговата партија. Не знам дали комплетно сите партиски функционери ќе застанат заедно со него. Забележително беше за мене момент кога господинот Таравари го промени начинот на однесување и наративот, кога се појави во јавноста темата за потпишување на договорот за изградба на катна гаража на Клиничкиот центар во Скопје – објасни Ристески во гостување на ТВ24.
Ристески истакна дека Таравари не навел јасни причини за излегувањето од Владата и дека останатите функционери од неговата партија не биле запознаени за причините поради кои се одлучил Таравари на ваков чекор.
– Таравари не наведе некои јасни причини. И денеска во разговор со неколку функционери од неговата партија самите кажаа дека уште не им се јасни и доволно објаснети, внатре во партијата, причините поради кои се одлучил Таравари на ваков чекор и не знаат дали ќе го следат сè уште – рече Ристески.
Пратеникот потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ не толерира никој кој би коалицирал со луѓето кои во изминатите години го осакатиле државниот буџет.
– Ние апсолутно не толерираме никој кој ќе каже дека сака да коалицира со оние кои во изминатите години, додека ја практикувале власта го осакатиле државниот буџет. А такви се Артан Груби, кој моментално е во бегство, Зоран Заев, Венко Филипче и сите оние кај кои сега господинот Таравари влегува во прегратка. Овој пат Таравари се одлучи да се врати во прегратките на оние кои се на црната листа, тука имаме еден врховен судија Беџети, недопирлив градоначалник Рамиз Мерко, директор на едно јавно претпријатие Ејуп Рустеми, кој исто така има кривична пријава и ќе одговара за злоупотребите кои ги правел во периодот на власт. Сите оние кои се огрешиле, ВМРО-ДПМНЕ нема дилема дека ќе одговараат. Господинот Таравари не знам зошто, од негови причини, се одлучи да оди спротивно на своите гласачи, од кои патем ја доби и довербата на минатите избори и кои апсолутно гласаа против криминалот на ДУИ – рече пратеникот Ристески.