Танцов маратон што го одзеде здивот – „Танц фест 2020“ (ГАЛЕРИЈА)

578

Викендов, под мотото „Потрага по допир“ се одржа извонредното, шеснаесеттото издание на фестивалот Танц Фест Скопје. На отворената сцена кај МКЦ, публиката уживаше во магијата на петнаесет авторски кореографии на домашни и гостински кореографии кои го одбележаа 30-тиот јубилеј на македонската современа танцова сцена.

– Исклучително е чувството успешно да се реализира настан во овие околности, а особено годинешниот јубилеј од триестгодишното постоење на македонската танцова сцена. Работевме во рестриктивни околности, но публиката ја почувствува и се соживеа со љубовта која ја прикажавме на сцена. Особено се радувам што и покрај сѐ, имавме и гостински танчери, дел од програмата Фокус: САД, кои на љубителите на танцот им покажаа една поразлична димензија, во живо и преку танцови филмови. Годинава на Танц фест Скопје, претставивме голем број македонски кореографи што навистина ветува. Ќе продолжиме посветено да работиме и да ги шириме границите преку она што најмногу го сакаме – танцот – изјави Рисима Рисимкин, уметнички директор на фестивалот и кореограф која оваа година прослави 30 година активно кореографско творештво.






Младата кореографка Адријана Данчевска која годинава имаше авторска претстава се потпиша и на истоимениот прв македонски танцов филм „Дома“, а со свои кореографии се претставија извонредните Ивана Коцевска, Дејан Битровски, Ивана Балабанова, Валентино Апостоловски, како и апсолвентите при УГД – Бобан Русески, Тереза Лазарев и Сара Цветковска. Како дел од годинешниот репертоар, фестивалот за првпат ја претстави програмата Фокус, со кореографи и танчери од Соединетите Американски Држави – Меган Бриџ и Кристин Бонансеа кои гостуваа на фестивалот и донесоа сосема поинаква естетика и начин на употреба на телото, во контекст на коментар на општествените прилики; го видовме и уметничкиот израз и на Шамел Питс кој се претстави преку својот танцов филм „Lake of Red“.

Традиционално, и оваа година се додели наградата „Менада за животно дело“, која ѝ припадна на американската танцова легенда, госпоѓата Џоан Мајерс Браун, и „Менада за млад уметник во областа на танцот“ со која се закити првата македонска балерина со професионален ангажман во рускиот Бољшој, младата Стефанија Гаштарска.

Како дел од дневната програма на фестивалот, се одржаа неколку танцови работилници со кореографките Меган Бриџ и Кристин Бонансеа, а свој настап како дел од програмта „Танцуваме со Виталија“ имаа и танцовите студија „Reverence“ од Струмица, „УЛТРА“ од Куманово, „Анабела“ од Велес и „АКВА“ од Скопје.

Дел од годинешните поддржувачи на Танц фест беа Министерството за култура, Град Скопје, Американската амбасада, организацијата American Dance Abroad, Виталија, Бовин, Зебра, како и медиумските покровители МРТ, Радио Бубамара, Antenna 5, City Radio, Urban FM и ТВ ВИС Струмица.

Покрај публиката која присуствуваше на отворената сцена во парк МКЦ, настанот беше проследен и на националната МРТ, локалната ТВ ВИС Струмица и интернационално, преку Јутјуб каналот на Танц фест Скопје.

 

Поврзани содржини