ТАНЦ ФЕСТ ЌЕ ГО ОТВОРАТ ЅВЕЗДИ ОД ПАРИСКАТА ОПЕРА Фестивалот ќе се одржи од 18 април до 5 мај
Фестивалот ќе биде отворен со настап на Роксан Стојанов и Антонио Конфорти од Париска опера.
Во организација на Културниот центар „Интерарт“, кој годинава одбележува 30 години постоење, на 18 април ќе биде отворен 22. фестивал „Танц фест“.
Фестивалот ќе биде отворен со настап на Роксан Стојанов и Антонио Конфорти од Париска опера. Ќе се одржи и гала натпревар за наградата „Роксан Стојанов“ на кој ќе учествуваат петмина финалисти, млади македонски балетски уметници.
Наградата е востановена од Францускиот институт во Скопје и Фестивалот „Танц фест“ со поддршка на Амбасадата на Франција со цел да се поддржи професионалната кариера на млади балетски уметници од 16 до 20 години.
Наградата е иницирана од балерината со француско-македонско потекло Роксан Стојанов, откако лани ја доби наградата „Менада“ на „Танц фест“. Таа живее и работи во Париз и е носителка на престижното признание „Ѕвезда на Париската опера“. На нејзиното минатогодишно гостување на „Танц фест“ во Скопје е родена идејата за оваа награда со која таа сака да им помогне на млади македонски уметници. Роксан го почнала образованието во Скопје и продолжила да ја усовршува кариерата во Франција, освојувајќи ја светската сцена.
Наградата се состои од седумдневен престој во Париз каде што добитникот ќе ја посети Операта и други институции од уметноста во француската престолнина и ќе биде под директно менторство на Роксан Стојанов.
По објавениот повик за наградата и направената селекција, на 18 април во МНТ ќе биде избран и прогласен победникот, со одлука на интернационално жири во кое ќе членуваат и првенци од Париската опера.
Рисима Рисимкин, основачка на „Танц фест“ и на Културниот центар „Интерарт“вчера на прес-конференција рече дека гостувањето на ѕвезди од Париската опера во Скопје е историско и дека првпат кај нас ќе биде изведено дело на легендарниот француски кореограф Ролан Пети, а покровителка на настанот ќе биде претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.
Во рамки на програмата на „Танц фест“ ќе има Форум за танц и технологија (22-24 април), Денови на македонски кореографи и Скопје танцова платформа со 50-ина професионалци од Европа во чии рамки ќе се одржи Генералното собрание на танцовите фестивали во Европа со учество на 25 директори на фестивали во ЕУ. „Танц фест“ на 5 мај ќе биде затворен во Битола со неколку перформанси во Народниот театар.
„Танц фест“ ќе продолжи да ја доделува наградата „Менада“ за врвни уметници (македонски и светски), чиј добитник за 2026 ќе биде соопштен пред отворањето на годинашниот фестивал.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и туризам со 2.400.000 денари.
На прес-конференцијата присуствуваа Марија Ѓоргова, државен секретар во Министерство за култура и туризам, Грегоар Жислер, директор на Француски институт во Скопје, Никола Кимовски, директор на Македонски народен театар и Кире Павлов од Национална опера и балет.
Програмата на фестивалот ја претставија Матеа Мијановиќ, директор, и Рисима Рисимкин, основач на Интерарт Културен Центар и Танц фест.