ТАМУ БИЛЕ ЗА ДА ЈА СМИРАТ СИТУАЦИЈАТА Гаши демантира дека неговото обезбедување направило инцидент на скопскиот аеродром
Членовите на обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помогнат на своите колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности, соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, демантира какво била вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром, како што пренесуваат одредени медиуми.
Наспроти овие информации, членовите на безбедносниот тим на претседателот на Собранието Гаши биле присутни само за да се смири ситуацијата настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување.
„Членовите на обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помогнат на своите колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности. Притоа потенцираме дека секое известување кое го сугерира спротивното е тенденциозно. Исто така ги повикуваме и медиумите кои известуваат за овој настан да ги проверат тие информации пред да објават вакви тврдења и да постапат со професионална и етичка одговорност“, се вели во соопштението од Кабинетот на собранискиот спикер Африм Гаши.
Инаку, потврда за инцидентот вечерва преку соопштение пристигна и од Министерството за внатрешни работи (МВР), каде што јасно е прецизирано дека шефот на обезбедување на Гаши турнал полициски службеник вработен на аеродромот во Скопје.
„Денеска (01.08.2024) околу 10 часот на Меѓународниот аеродром Скопје додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер. По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, соопштуваат од МВР.
Реакција пристигна и од компанијата ТАВ Македонија од каде што тврдат дека безбедноста на патниците не била загрозена.