Талибанска уредувачка политика? Не, благодарам!

Има луѓе кои, сметаат дека објавувањето различни и ставови спротивни на генералната уредувачка линија, е „кокетирање“ со читателите и „бркање кликови“. Објавувањето ставови спротивни на нашите тие го сметаат за „фаворизирање“ на „вредности“ што не ги „споделуваме“, што пак води кон слабеење на првата линија на фронтот во постојаната „борба за вредности“, во „револуцијата што трае“ и попатно, нели, ги ждере своите деца.

6,167

Ме прашува пријател во инбокс на Фејсбук – зошто ги споделуваш ваквите објави? Човекот мисли на објавите во кои опозициски македонски политичари ја критикуваат одлуката на македонската влада да прими бегалци од Авганистан. И мисли на порталот Плусинфо …

Го познавам мојот виртуелен пријател, искрен е и добронамерен. Едноставно, тој објавувањето различни политички ставови го доживува како „споделување“ и се чуди зошто јас и Плусинфо, кои никогаш не сме биле против приемот на бегалци од жариштата на белосветските кризи, се поистоветуваме со ставот на Илија Димовски, на пример. Димовски, како што е познато, на читателите им понуди мошне сериозна анализа и многу аргументи зошто во оваа прилика прво Европа и западниот свет треба да сторат многу повеќе за унесреќените луѓе од Авганистан, а потоа тоа да се бара и од Македонија.






Пријателот очигледно не ја видел и „споделената“ колумна на Ивор Мицковски (всушност, ФБ статус), во која авторот жестоко ја критикува владата за глумење хуманост, но уште во првата реченица јасно вели дека Македонија ќе ги прими бегалците од Авганистан, затоа што така е исправно. Ставот на Ивор секако ми е поблизок, но и објавувањето на неговиот статус како колумна на Плусинфо не треба да се смета за „споделување“.

Поистоветувањето на потребата на уредништвата на слободните медиуми да објавуваат различни ставови (понекогаш различни и од оние што самите ги застапуваат) со некаква наводна „битка за кликови“ – така ме обвини еден сега веќе бивш пријател на Фејсбук – е последица на огромната штета што ја нанесе погрешното разбирање на феноменот „уредувачка политика“ на социјалните мрежи. Забуната се раѓа поради погрешното толкување на потребата на луѓето на социјалните мрежи да „споделуваат“ (лајкаат, шеруваат и слично) постови што им се допаѓаат, главно поради тоа што во тие постови гледаат артикулација и на нивните ставови, идеи и интереси.

И потоа клучниот проблем настанува кога водењето уредувачка политика во медиумите се поистоветува со „уредувањето“ на страниците на Фејсбук или на Твитер. Тоа поистоветување е погрешно. За разлика од социјалните мрежи, кои се изворно мрежи за виртуелно дружење и социјализирање, медиумите имаат поинаква општествена ролја, посебно кога се инволвираат во дебати за важни општествени прашања. Тие објавуваат ставови на уредништвата, но и ставови кои се различни, па понекогаш и целосно спротивни на она што се нарекува уредувачка линија. Зошто? Зашто само така читателите можат да ја препознаат и да ја доживеат целината на јавната дебата.

За жал, има и поинакви разбирања за тоа како се уредуваат слободните медиуми. Луѓе како мојот сега веќе бивш пријател, сметаат дека објавувањето различни и ставови спротивни на генералната уредувачка линија, е „кокетирање“ со читателите и „бркање кликови“. На малку повисоко теоретско рамниште, ова разбирање се дефинира како „борба за вредности“, при што објавувањето ставови спротивни на нашите се смета за „фаворизирање“ на „вредности“ што не ги „споделуваме“, што пак води кон слабеење на првата линија на фронтот во постојаната „борба за вредности“, во „револуцијата што трае“ и попатно, нели, ги ждере своите деца.

Оваа „теорија“ е комична сама по себе. Нејзините застапници сметаат дека јас, на пример, кој болеста ковид-19 ја прележав пред околу девет месеци и потоа примив две дози „фајзер“, јас кој јавно побарав вакцинирањето да биде задолжително, не би смеел да објавувам информации за протестите на антиваксерите, а ни опиниони на луѓе кои се сомневаат во ефикасноста на вакцините и кои поставуваат многу логични прашања, за кои медицинските власти и науката немаат конечни одговори. Од мене се очекува да „верувам“ во медицината. А како што мудро зебележа еден друг мој пријател, се верува само во Бог, додека за научните прашања се дебатира и при тоа сомнежот, а не вербата, е движечка сила на спознанието.

За овие прашања, за дилемата што значи одговорна уредувачка политика во слободните медиуми (слободни и независни од контролата на власта и на другите центри на политичка и економска моќ), ние новинарите дебатиравме некаде во раните деведесетти години на минатиот век. И од моја страна (ако смеам да кажам, и од страна на неколку мои колеги со кои го основавме „Дневник“), финалниот одговор во дебатата беше производот што го создадовме и кој драматично ја смени и медиумската сцена и перцепцијата за медиумите воопшто.

Но ете, изгледа секоја генерација има потреба да робува на истите предрасуди и повторно и повторно да открива топла вода. Секогаш постоеле и секогаш ќе постојат луѓе кои ќе се залагаат за талибанска уредувачка политика во медиумите, па дури и такви кои се трудат за остварување на таа замисла да ги ангажираат и државата и нејзините регулаторни механизми. Затоа и упорно, засега за жал безуспешно, инсистирам првиот и најважен реформски потег во медиумската сфера да биде донесување еден сеопфатен закон за антицензура.

Како и да е, со или без таков закон, на сегашните и на бившите пријатели можам да им порачам само едно. И натаму ќе се борам за познатата Волтерова максима – не се согласувам со вашето мислење, но ќе сторам сè тоа да ѝ стане достапно на јавноста. Тоа „ќе сторам сè“ прецизно значи дека се трудам и ќе се трудам во медиумот во кој работам да воспоставуваме базични етички стандарди достапноста на различното мислење да не се претвори во навредливи атаци, во клеветнички напади, во говор на омраза и смислено ширење дезинформации. Од таквата агресија мора да бидам заштитени сите, а најмногу оние чии различни ставови и мислења ги објавуваме поради причините кои ги наведов.

Кој тоа не може да го разбере, јас не можам да му помогнам …

 

Поврзани содржини