Талат Џафери е негативен на ковид-19, ќе се тестираат и новите пратеници

805

Тестот за ковид-19 на поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери е негативен. Тој за Плусинфо вели дека ако треба ќе направи уште еден тест пред одржувањето на конститутивната седница на Собранието, а по консултација со Комисијата за заразни болести, ќе се знае дали и новите пратеници ќе треба да се тестираат, за здрави да го почнат пратеничкиот мандат.

Плусинфо стапи во контакт со најголемите партии според бројот на освоени пратенички мандати на изборите. Во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ велат дека новите пратеници ќе подлежат на тест за ковид-19 пред да почнат со работа во Собранието.






Пратениците од новиот парламентарен состав во Собранието ќе треба да се движат и дејствуваат според строго утврдени протоколи, кои, како што информира Џафери, веќе добиле виза од Комисијата за заразни болести.

– Комисјата за заразни болести го одобри протоколот за организација на работата во Собранието. До петок или в понеделник ќе се консултирам со Комисијата  таа да одлучи дали ќе препорача новите пратеници да се тестираат за ковид-19, пред да почне со работа Собранието, односно пред конститутивната седница. Подобро е Комисијата да препорача отколку јас да им давам препораки на колегите пратеници – вели Џафери.

Тој додава дека ризикот некој да е позитивен е многу повисок кај новите пратеници, бидејќи учествувале во изборната кампања, отколку кај собраниските служби, кои веќе се под режим на работа поради пандемијата.

Протоколот за организација на работата на Собранието предвидува ограничено движење во зградата на парламентот, како на пратениците, така и на службите, гостите, новинарите. Пред влегување во парламентот, пратениците  задолжително ќе мора да ги дезинфицираат рацете, да носат заштитна маска, рестриктивно да се движат по ходниците…

Во секој случај, пандемијата на коронавирусот значително ќе ја промени работата на новиот парламентарен состав, со многу поголеми ограничувања. Така, новиот парламентарен состав, наместо во салата за пленарни седници, ќе заседава во новата сала со куполи, која е голема и може да  обезбеди физичка дистанца меѓу пратениците.

Според информации на Плусинфо, селекција на присутни гости ќе има и на конститутивната седница, на која вообичаено се канат претставници на државниот врв, на дипломатскиот кор, на верските заедници, на НБРМ, на МАНУ итн.

Џафери вели дека сѐ уште не извршил консултации со партиите кои освоија пратенички мандати кога да ја закаже конститутивната седница и додава дека датумот  ќе зависи од тоа дали повеќе одговара седницата да биде пред Курбан Бајрам, при крајот на јули, или после Илинденските празници.

Поврзани содржини