Ќе кажат ли таксистите „оп“, ако цената на горивото направи скок?

Првиот човек на Групацијата на такси превозници вели дека ќе разговараат ако компаниите почувствуваат потреба и побараат промена на цената, а за тоа, како што вели, ќе биде информиран и Град Скопје кој треба да донесе одлука за новата цена.

358

Нова цена на такси превозот нема и нема да има во блиска иднина, иако во јавноста се шпекулира дека веќе е побарано зголемување на почетната цена од некои компании. Од Групацијата на такси превозници информираат дека не доставиле предлог за менување на цената, а истото го потврдува и Град Скопје.

Претседателот на Групацијата на такси превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски, вели дека иако во текот на изминатата година такси превозниците имале помалку работа и загуби, сепак, нема најава за нови цени на такси превозот во Скопје, бидејќи засега има постигнато добра цена.






– Моментално до Групацијата нема пристигнато ниту едно барање од компаниите за зголемување на цената на такси-превозот. Напротив, компаниите даваат по 10, 20 отсто или повеќе попуст или гратис километри. Кога компаниите ќе почувствуваат потреба и побараат промена на цената, тогаш ќе седнеме и ќе се договориме, а за тоа ќе биде информиран и Град Скопје кој треба да донесе одлука за новата цена – вели Рајчановски.

Тој додава дека во услови кога компаниите даваат попусти за да привлечат повеќе патници, нема логика да се бараат нови цени на превозот. Сепак, остава компаниите самите да одлучат дали ќе побараат промена на цената на авто-такси превозот.

И од Град Скопје, чиј совет носи одлука за тарифникот на такси превозот, велат дека нема никакво барање за нови цени во секторот.

– До овој момент, до Секторот за сообраќај на Град Скопје не е пристигнато барање за промена на тарифата. Доколку пристигне вакво барање, истото ќе биде разгледано и за истото ќе расправа и одлучува Советот на Град Скопје – информираат од Градот.

Дел од таксистите, пак, со став дека е дојдено време да се побара нова цена. Барањето го правдаат со најавата за воведување еко данок и повисоки цени на дизел горивото, како и истоштеноста на секторот од пандемијата.

– Пандемијата ни ја намали работата, а државата скоро и да не го помогна секторот. Имаме трошоци обнова на регистрации, лиценци поправки на возилата и плати за работниците. Најавени се нови давачки и повисока цена на дизелот. Затоа е време за повисоки цени – вели таксист.

Со одлука на Градот, а како одговор на барањето на Законот за превоз во патниот сообраќај за цената на такси превозот со кој се предвидува воведување повеќе тарифи за цената на такси превозот во 2018 година се воедени две тарифи.

Првата која ја користат моментално таксистите е 40 денари за старт на превозот и секој изминат километар чини 25 денари. Чекањето во место и движење со помалку од 20 километри на час е 300 денари.

Во втората тарифа, стартот во кој се вклучени 2 километри чини 50 денари, а цената на секој нареден изминат километар е 25 денари. Чекањето во место и движење со помалку од 20 километри на час е 300 денари и во оваа тарифа.

– Таксистите можат да изберат една од двете тарифи, но цената треба да биде во рамки на 25 денари за километар. Можат да ги намалат попустите или да не даваат гратис километри. И ако се бара нова цена на авто-такси превозот, тогаш ќе се бара и нова цена за изминат километар – појаснува Рајчановски.

Поврзани содржини