ТАКСИМЕТАРОТ ИСКЛУЧЕН, ТАКСИСТОТ ДЕЛИ ЦЕНИ ОД РАКАВ Отворете ги очите за да не бидете измамени

Граѓани се жалат дека за релации на кои до пред некоја недела им се наплаќале 120 или 150 денари сега таксито ги чини 220 до 250 денари. Лути се на хаосот со скопското такси и бараат реакција од институциите.

344

Цената на такси превозот во Скопје не е промената од пред три години, кога, поради честите промени на цената на горивата, беше прифатено да се користат втората и третата тарифа која е највисока – 60 денари старт и 35 денари по километар.

Секој таксиметар е баждарен на овие цени и не може да се наплаќа повисока, велат од Групацијата за автотакси превоз во Скопје откако во јавноста се проширија информации дека одделни таксисти наплаќаат повисока цена последните месеци.






Граѓани се жалат дека за релации на кои до пред некоја недела им се наплаќале 120 или 150 денари сега таксито ги чини 220 до 250 денари. Лути се на хаосот со скопското такси и бараат реакција од институциите.

– Не знам што се случува. Таксистот вели 250 денари. Останав вчудовидена бидејќи за таа релација обично ми наплаќаат 150 денари. Прашав дали има нова цена. Добив одговор да, ама таксиметарот не работи, па не можам да ти дадам и фискална сметка. Платив за да не се расправам. Си велам можеби поскапело таксито, а јас не сум информирана – вели Јагода од Скопје.

Таа посочува дека е време веќе во Скопје да има ред во такси превозот.

– Повикуваш такси и не знаеш дали ќе дојде лиценцирано или диво. Ако не гледаш дали има тексиметар и фискален апарат можеш да зажалиш што не си патувал со друг превоз. Можат да те одерат. Време е да се решат проблемите – вели Јагода.

Претседателот на Групацијата Сашо Рајчановски вели дека лиценцираните таксисти не можат да наплаќаат повисока цена од оваа.

– На граѓаните треба да им биде јасно дека такси превозот во Скопје се одвива со унифицирани возила во жолто-бела боја и со исполнети стандарди вклучен таксиметар и истакната цена на стаклото на задната врата и издавање на фискална сметка на крајот на патувањето. Доколку овие услови ги нема во таксито во кое ќе се качат не се обврзани да ја платат цената на крајот од патувањето или, ако вообичаено патуваат на истата релација и ја знае цената, може да го платат износот и да си заминат. Ако возачот им бара повисока цена или им се заканува треба веднаш да повикаат полиција и пазарен инспектор – вели тој.

Рајчановски појаснува дека според правилата за такси превоз во Скопје од 2022 година се воведени три тарифи на цени.

– Во прва тарифа цената е 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар. Оваа цена важи во период кога цената на горивото е до 75 денари за литар. Втората тарифа која ја применуваат најголемиот дел од таксистите е 50 денари, а секој изминат километар 30 денари. Таа се применува кога горивото е од 75,50 денари до 119,50 денари. Третата најскапа тарифа предвидува цена за старт од 60 денари, а за секој километар да се наплатува 35 денари. Таа се применува кога цената на горивото ќе биде повисока од 120 денари. Тоа значи дека во такси граѓаните можат да добијат фискална сметка со највисока цена од 60 денари старт плус 35 денари по километар – вели тој.

Актуелни цени во Скопје сега се 50 денари старт и 30 денари километар и 60 денари старт и 35 денари километар.

– Половина од такси-компаниите возат по втората, а половина по третата тарифа, но повисока цена од 60 денари старт и 35 денари километар не смее да има – вели тој.

Рајчановски додава дека овие цени не ги почитуваат дивите таксисти и тие наплаќаат како ќе проценат. Но, тие лесно можат да се препознаат бидејќи не даваат фискални сметки, немаат ниту таксиметри, ниту, пак, објавена цена на превоз на задната врата. Тие вообичаено немаат ни автомобил во жолто-бела боја која е синоним за скопското такси.

Во Скопје има околу 2.500 лиценци за такси превоз, но само 200 пријавени вработени таксисти. Некои од компаниите ангажираат по два возача на возило, па бројката на таксисти во Скопје стигнува до околу 3.000.

Рајчановски вели дека проблемите со такси превозот во Скопје лесно можат да се решат. Тие како групација имаат изработено и соодветен проект со решенија, но никој досега не се заинтересирал да го разгледа и да оцени дали е изводлив.

– Еве ќе ви дадам едно решение кое е во прилог на државата и професионалните таксисти. Ако се знае дека според лиценците и возилата во Скопје треба да има регистрирани повеќе од 3.000 вработени таксисти, тогаш тие што ги ангажираат треба да платат и придонеси за нив. Тие се 200 евра по човек, што значи државата ќе собере повеќе од 6 милиони евра месечно што не е мал износ. Се губат пари и на ДДВ кое за такси превозот е 5%, но за горивото 18%, а разликата која треба да ја добие државата и граѓаните преку повратот не е мала. Имаме решение и за ставање крај на дивите таксисти, но некој треба да ги прифати тие решенија – вели тој.

Од Групацијата на таксисти се надеваат дека пред локалните избори кандидатите за градоначалник на Скопје ќе се заинтересираат за тоа што имаат да има кажат лиценцираните таксисти.

– Нам не ни е проблем само цената. Неа ја договараме со Градот, проблеми има и други како такси станици, диви таксисти, непрофесионални возачи и слично и очекуваме тие да се решат да не бидеме прикажани како непрофесионалци – вели Рајчановски.

Поврзани содржини