Таканаречената македонска нација
Јотова и Османи, се на иста линија. Ако навистина не постојат Македонците, тоа е премија за Софија бидејќи значи дека ние сме бугарчиња и, од друга страна, тоа широко го отвора патот за целосна реализација на големоалбанскиот проект. Бујар не мирува. Албанизацијата на Македонија добива на интензитет во последно време, токму поради отсутноста и некадарноста на Македонците.
Бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, вели дека сме „таканаречена македонска нација“. Таа, сè кажала, ама кој да разбере? Јотова е одамна максимално ангажирана против Македонија и Македонците, заедно со нејзиниот шев, Радев, ама ова е најголем безобразлук што го изговорила до сега. И само оваа изјава, бидејќи не е од било кого, е доволна Македонија да побара од неа јавно извинување и, ако тоа изостане, што е речиси сигурно, да објави дека нема никакви намери да го менува Уставот и во него да внесува – во земјава непостоечки Бугари. Арно ама, кај нас се молчи, и така ќе продолжи бидејќи МНР, Бујар Османи, ги брани албанските интереси во земјава, а не македонските.
Јотова и Османи, се на иста линија. Ако навистина не постојат Македонците, тоа е премија за Софија бидејќи значи дека ние сме бугарчиња и, од друга страна, тоа широко го отвора патот за целосна реализација на големоалбанскиот проект. Бујар не мирува. Албанизацијата на Македонија добива на интензитет во последно време, токму поради отсутноста и некадарноста на Македонците.
Крстот на Попова Шапка е само нов доказ за тоа. Додека жестоко се бранат „албанските“ територии во земјава, Македонците се прават дека ништо не разбираат. Кичево, нели, беше албански воен трофеј, а незаконски знамиња на Албанија се веат низ целата земја. А кога Ахмети, знамето го дигна на столб, висок 20, 30 метра кај Зајас, јавно порача дека нема таква сила којашто ќе го сруши. И, така бидна. А, знамињата, означуваат територија. Во случајов албанска. Ништо друго.
Напред македончиња, некадарни и продадени за ситно. Срам да ви е. Не е никаква утеха што ќе ве осуди историјата. Заслужувате и пострашни, и поитни казни. Тие мора да следат.
Некои апологети на власта веќе ја оправдаа Јотова. „Објаснија“ дека изјавата е заради бугарски внатрешно – политички потреби, дека тоа било пред избори и, верувале или не – дека тоа немало некоја поголема врска со Македонија!? А, Јотова го тера вториот мандат, следните избори се за околу три години и нема право на реизбор. Каква манипулација! Кратки се нозете на лагата.
Османи, пак, на прашање на новинар, вербално ја осуди изјавата на Јотова и – толку. Тоа, нема никаква дипломатска тежина. Бла, бла. Неврзан муабет. Додека нема жестока официјална реакција, значи дека сме согласни со нејзината оценка.
Оваа не е прв излив на „љубов“ од страна на Јотова кон Македонија. Таа е одамна на првата линија на негирање, игнорирање, плукање, понижување … на Македонија и Македонците. Арно ама, тоа никој во земјава не го забележува, никој не реагира а Османи си ја тера својата песна и, веројатно – ужива. Тој ги игнорира Македонците, а тие си молчат и се прават недоветни. Османи, тешко може да си замисли поидеална ситуација и станува сè албански херој.
Овој потег на Јотова е само зрно во тона пченица. Што сè до сега Софија ни плеснала во лице, во сите сфери – политичка, научна, историска, културна, верска …, и на сите нивоа – претседател и потпретседателка на државата, парламент, влада, министри, пратеници, дипломати, професори, историчари …, што веќе нема простор за никакви дилеми или колебања за нивните вистински и трајни намери. Ножот ја допре коската.
Треба да си идиот, забеган, блесав, непресметлив, неук, неписмен, недоветен, копук, чурук, токмак, ментално пореметен, налудничав, морон, без трошка памет, имбецил, гнасен, манипулант, суртук, мршојад, потрчко … и што ти уште не, за да продолжиш со досегашните погубни, капитулантски и предавнички политики кон Бугарија. (Видовте ли колку ни е богат јазикот? Барем за негативни карактеристики!).
Оваа крајно безобразна изјава на Јотова не само што треба туку и мора да биде повод, некој од македонскиот политички врв да удри со главата во ѕид и да ја сврти страницата на порази. Како прво, да се откаже промената на Уставот. Докажано е дека од Османи такво нешто не може да се очекува. Причините се погоре наведни, иако не е само тој виновен. Сепак, не е спорно дека нашите стратегиски (не)пријатели го доведоа на таа позиција, со единствена цел тој да ја потпише капитулацијата на македонизмот.
Тоа, тој ќе го направи со гордост и со задоволство, заради албанската кауза. Доколку, пак, кој било Македонец беше на неговото место, како МНР, во никој случај македонската капитулација немаше да биде рутинска работа. Во дипломатијата, како и во животот, нема ништо случајно. Странците долгорочно планираат.
Дека е така, имаме бројни примери, на наша штета. Некои ги знаеме и разбираме, други не баш. Еве една компарација.
На времето, пред повеќе од 50 години, Израел почна со изградба на населби на новоосвоените палестински територии. Набргу и ги насели. Свесни беа дека, кога, тогаш, сите тие населби ќе мора да ги напуштат, а луѓето коишто ги населуваат, ќе бидат жртви.
Нивната цел беше прецизна, ама аналитичарите веднаш ја открија. Во барањето за траен мир, кога и да биде тоа, тие ќе уценуваат со овие населби и ќе бараат додатни и нереални концесии од Палестинците, за нивно напуштање. Тоа сè уште не се случило, ама претстои.
Истата цел ја имаше и Бугарија, со пасошите коишто ги продаваше на Македонците, и тоа за не мали пари. Интересот беше голем, од чисто економски причини, и затоа се продаваа. Софија беше свесна, сигурно и запознаена со плановите на главниот светски фактор, дека „Македонското прашање“ ќе дојде на маса, и ќе биде во фокусот. Знаеја дека тоа беше неизбежно, и создаваа сериозна основа да манипулираат со „Бугарите“ во Македонија. Според бројот на издадени пасоши.
Тој момент дојде, иако кај нас ниту некој имаше, ниту има поим, зашто се случуваше масовното делење на пасоши.
Софија прекрасно знаеше, и знае, дека пасошите се бараа од економски причини, заради работа на Запад, ама нивните калкулации и планови беа подлабоки и подолгорочни.
Фактот, пак, што и во Унијата се правеа на удрени, иако ја регистрираа и набљудуваа оваа криминална процесија, само потврдува дека и ЕУ има важна улога во оваа трагедија, којашто му се случува на нашиот народ. Брисел, отворено стои и зад бугарското негирање на јазикот и идентитетот на македонскиот народ. Најдобар доказ е самата преговарачка рамка, во која се содржани сите бугарски историски синдроми и небулози, со што нашето членство во Унијата се прави – недостижно.
Ние, пак, можеме да се тешиме дека, сепак, тоа не е политика на Унијата туку дека се тие само транзитен центар на американските интереси и политики. Тоа, меѓутоа, воопшто не ги релативизира нашите страдања и маки и само покажува каде треба да бидат насочени нашите политички и дипломатски ангажмани.
Важен е уште еден податок за далекусежноста на туѓите политики, споредени со нашата неукост и аматеризам. Преку две години пред распадот на Југославија, уште во август 1988 година, во Грција беше спроведена нова административна поделба на земјата, и за прв пат официјално започна да се користи името – Македонија.
Три региони беа крстени – Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија. Кај нас тоа никој не го забележа ниту тогаш, ниту подоцна, а тоа беше основата врз која можеше да ни се оспори името. Тие на време се подготвија, а ние?
Ако се проголта и оваа изјава на Јотова, и не се преземат соодветни мерки, не сме заслужиле никаква иднина. Вториот човек на Бугарија, официјално, негира дека постоиме како народ, а ние молчиме. Поголемо предавство и неодговорност од нашите политичари – не може да се замисли.