Така зборуваше Заевтустра

Тоа што Заев упорно одбегнува да ја соопшти позадината на целата таа глупост со меморандумот е многу поопасно од самите услови што ни ги поставува Софија. На крајот на краиштата, кој ги врти Бугарите. Важно ние знаеме кој нѐ врти нас.

4,499

Внимателно ја следев последната прес-конференција на премиерот Зоран Заев, на која, како и секогаш кога има поважни политички случувања, новинарите му го отстапија сето време на овој свет за да може тој лично да му се обрати на својот народ и да му објасни што всушност се случува и што точно претставува потегот со меморандумот на пријателска Бугарија.

– Премиере, прашање до вас. Како го коментирате објаснувачкиот меморандум што го испрати Бугарија до сите земји-членки на ЕУ, а преку кој се негира постоењето на македонскиот јазик и идентитет? – директно, конкретно, прецизно, право во црвената точка на пикадото, испали новинарката на Телма.






А тој, сосема смирено и сталожено, небаре го прашуваат како се погодил ајварот годинава, само ги поднамести очилата со левиот показалец, заврте нов лист од тефтерчето со десниот, и започна да рецитира волшебно-прекрасни фрази за пријателството.

„Пријателството е како двонасочна улица“. Вака започна премиерот, за потоа да заврши со тоа дека „посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот етнички идентитет се неспорен факт”. И тоа беше сѐ народе! Од шупливо во празно! Демек, никој ништо не ти може, Никола!

Но, тамам мислеше дека лесно се извлече од непријатностите, искусната колешка од Телма повторно побара збор.

– Не ми одговоривте на прашањето – му рече.

Е, ова очигледно не му беше планирано. Двонасочните улици одеднаш како да му се претворија во еднонасочни, а само тој, качен на својот четирицикл, вози во спротивниот правец со брзина повисока од дозволената.

– Лично ќе внимавам на наративот и на зборовите во однос на отворените прашања со Бугарија. Сметам дека постои решение со кое двете страни ќе бидат победници – рече Заев.

Ова не го прочита од тефтерчето, туку сам го испука. Брзо и без многу размислување. Во негов препознатлив стил.

Сепак, малкуцка како да се зафркна, ми се чини. Повторно одби да одговори на главното прашање, само што, за разлика од првиот пат, овојпат ни образложи зошто го прави тоа. Ќе внимавал на зборовите во однос на отворените прашања со нашиот источен сосед. Види мајката! Соседот те наклеветува дека си му ја украл куќата, а ти му ја истеруваш козата на пасење. Па уште вели дека постоело решение со кое двете страни би биле победници. Можеби ако ти му ја дадеш нему куќата, а тој тебе козата?

Како и да е, тоа што Заев упорно одбегнува да ја соопшти позадината на целата таа глупост со меморандумот е многу поопасно од самите услови што ни ги поставува Софија. На крајот на краиштата, кој ги врти Бугарите. Важно ние знаеме кој нѐ врти нас.

Поврзани содржини